[ВИДЕО] На градилиштето во Центар се градело иако компанијата претходно добила забрана за работа – утврдени низа неправилности во изведбата на објектот

Точка

27/05/2026

11:06

978

Големина на фонт

а а а

Дел од булеварот „Теодосиј Гологанов“ во центарот на Скопје е затворен за сообраќај откако дојде до одронување на земјиште на градилиште каде што се гради нов објект. Поради оштетувањата, една коловозна лента е блокирана, а пешаците се принудени да се движат меѓу возилата. Целосно е затворен и крајниот дел од улицата „Христо Смирненски“.

Големата ископана дупка за идната петкатница зафати дел од тротоарот, а оштетен е и дел од коловозот кој пропаднал во внатрешноста на градилиштето. При одронувањето на земјата биле урнати и две бандери, додека информативната табла со податоци за инвеститорот и изведувачот завршила во дупката.

Инцидентот се случи завчера околу 13 часот за време на ископни работи. Според информации од терен, багеристот успеал навреме да се извлече и да избегне потешка несреќа. Повредени лица нема, но жителите од околните згради велат дека се вознемирени и стравуваат за својата безбедност.


Еден од жителите вели дека постои опасност да бидат загрозени и соседните објекти. Според него, длабокиот ископ за подземни гаражи може да ги поткопа темелите на околните згради. Тој раскажува дека соседите слушнале силен звук, налик на земјотрес, по што забележале дека тротоарот се урнал додека багерот работел.

Други граѓани реагираат дека движењето во тој дел е небезбедно бидејќи тротоарите и пешачките зони се зафатени, па пешаците мора да се движат по улица. Дел од жителите, пак, велат дека немаат избор освен секојдневно да поминуваат покрај опасното градилиште.

Од Општина Центар информираа дека веднаш по инцидентот инспекциските служби излегле на терен и ја обезбедиле локацијата. Констатирани биле оштетувања на коловозот, тротоарите, канализациската мрежа и уличното осветлување, како и повеќе неправилности во начинот на изведба на градежните работи.


Според општината, инспекторите утврдиле свлечиште на земјиштето, по што биле изречени законски санкции поради непочитување на прописите и нанесување штета на јавната инфраструктура. Засега не се соопштува какви конкретни мерки и казни се преземени.

Дополнителен проблем е што Државниот трудов инспекторат уште во петокот издал забрана за работа на градилиштето. При вонреден надзор таму бил затекнат само багеристот, а инспекторите процениле дека постои непосредна опасност по безбедноста на работниците. Забраната требало да важи сè додека не се достави потребната документација.

И покрај тоа, според сведоштва на жители од околината, на градилиштето повторно се работело за време на празникот, кога и се случило свлекувањето на земјата. Очевидци тврдат дека багеристот по несреќата во паника се извлекол од дупката користејќи кабли.

Од Општина Центар најавија дека ќе биде побарана стручна анализа од професори на Градежниот факултет со цел да се утврдат можните ризици и последици од одронот. Воедно, градежниот инспектор ќе иницира постапка за одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата.

„Од страна на градежниот инспектор на Општина Центар ќе биде побарано одземање на лиценците на одговорните лица вклучени во изградбата, а Општина Центар ќе побара и утврдување одговорност од надзорот и изведувачот на објектот поради несоодветно и несовесно постапување, согласно законските прописи. За случајот ќе следуваат и соодветни пријави и постапки пред сите надлежни институции“, соопшти Општина Центар.

Како инвеститори на објектот се наведуваат компаниите „Про билдинг компани“ и „ПалмаТраде“ од Тетово. Изведувач на градежните работи е фирмата „КОНСТРУКСИОНИ-инвест“, која според финансиските податоци минатата година работела со загуба од околу 127 илјади евра.

Надзор над изградбата вршела компанијата „ХИГХ КОНСТРУКТИОН ГРОУП“ од Гостивар, во сопственост на Исмаил Беџети. Според податоците на „Бизнис мрежа“, фирмата има блокирана сметка, а во текот на минатата година остварила приход од околу 33 илјади евра, пренесува „Телма“.