Филипче побара референдум за членството во ЕУ

Макфакс

27/05/2026

13:31

273

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче, претседател на СДСМ, предложи одржување на референдум за членство на Македонија во Европската унија, истакнувајќи дека граѓаните треба сами да одлучат за иднината на земјата и да ја платат цената за политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Тој обвини за манипулации и лажни кампањи, нагласувајќи дека стравот од одговорност е вистинскиот мотив на опозицијата да го избегнуваат европскиот пат.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предлага референдум за членството на Македонија во Европската унија. Тој вели дека граѓаните треба сами да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за, како што рече, криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Изјавата на Филипче

„Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече: ‘Нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената’. Се поставуваат две прашања: кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме досега. Сè што кажа, всушност, било една голема лага. Ќе го враќал името, ќе го поништувал Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат – ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот е потврден идентитетот и јазикот. Тимчо Муцунски го слушнавме како кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можат да го искористат“, истакна Филипче.

Цената на изолацијата

Тој кажа дека цената од изолацијата нема да ја плаќаат функционерите на ВМРО-ОКГ, туку граѓаните и младите генерации.

„Тоа нема да биде Мицкоски, нема да бидат неговите соработници, неговите министри, сите тие имаат бугарски пасоши во џебовите. Тоа нема да биде неговата криминална банда. Цената ја плаќаат сите граѓани, цената ќе ја платиме сите ние – нашите семејства, децата и младите. Оваа банда на власт едноставно не знае како да се води држава. Нема капацитет, нема знаење за ништо. Ја презадолжија земјата, стандардот го урнисаа, граѓаните едвај преживуваат од први до први во месецот“, рече Филипче.

Манипулации и лаги за Европа

Тој вели дека власта повторно ги манипулира граѓаните со лаги за Европа и идентитетот.

„Оваа власт сега повторно лаже. Сега дека Европа ни го загрозува идентитетот. Единственото нешто што е во овој момент загрозено е иднината на нашите деца и животниот стандард на граѓаните во државата. Доста е веќе од лагите и пропагандата на криминалната група на власт. Едноставно, доста е“, нагласи претседателот на СДСМ.

Страв од одговорност

Филипче оцени дека вистинската причина поради која ВМРО-ОКГ бега од Европа е стравот од одговорност.

„На власта и е добро, тие не живеат лошо како граѓаните, со бугарските пасоши во џеб, со криминалните партиски тендери, со владините авиони на плажа, додека народот не може да преживее. И кога ќе дојде време, тие ќе ја напуштат држава, ќе ја живеат во некоја европска земја и ќе остане Македонија опустошена, сиромашна и безнадежна. И јас тоа не го прифаќам. И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тоа не го прифаќа. Граѓаните се будни, свесни се, не се наивни, не можете повеќе да ги лажете. Сите веќе ја знаат вистината. Мицкоски и бандата не сакаат во Европа затоа што таму има одговорност, таму се одговара пред европски обвинители за криминал и за корупција. И затоа нè држат како заложници, затоа се создаваат вештачки конфликти, затоа се идентификуваат лажно внатрешни предавници и надворешни вештачки непријатели“, рече Филипче.

Побарување на референдум

Тој порача дека иднината на државата не смее да биде заложник на погрешните политики на власта и побара граѓаните директно да се изјаснат.

„Ова веќе не е политичко прашање. Ова е прашање за сите нас, за секој еден граѓанин, за нашите семејства, едноставно прашање за нашата иднина. Ова, почитувани граѓани, е референдумско прашање. Не може Христијан Мицкоски да одлучува за нашите судбини. Едноставно, доста е. Мора граѓаните да одлучат за тоа. Затоа што граѓаните, нивните семејства, нивните деца, ќе ја плаќаат цената на овие погрешни политики на Мицкоски. Затоа граѓаните се единствени кои можат да одлучат за својата судбина. Не сакаме сите да ја плаќаме оваа цена. Распишете референдум, прашајте ги граѓаните. Не може вие да одлучувате за судбината на сите кои живеат во државата“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција.