Да, добро читате: Утре ќе се одржи првата „допинг олимпијада“, спортистите ќе користат недозволени супстанции

Макфакс

23/05/2026

08:30

965

Големина на фонт

а а а

Во Лас Вегас во недела ќе бидат одржани „Унапредените игри“, еднодневно натпреварување на кое 50 спортисти можат да користат недозволени средства и да се допингуваат, под медицински надзор на организаторите.

Настанот, кој ќе опфати атлетика, пливање и кревање тегови, организаторите го претставуваат како алтернатива на постојниот спортски систем. Извршниот директор и коосновач Макс Мартин изјави дека за нив голем успех би бил спортистите да бидат „здрави, безбедни, подобро платени и посреќни од кога било досега“, а проектот медиумите го нарекоа и „допинг олимпијада“.

Критичарите, меѓутоа, сметаат дека станува збор за циничен проект кој се обидува да го искористи вниманието на јавноста и незадоволството на дел од спортистите од положбата во врвниот спорт. Бенџамин Коен, генерален директор на „International Testing Agency“, ги отфрли споредбите со Олимписките игри.


„Слушнав дека некои го нарекуваат ‘Допинг олимписки игри’, но дури и користењето на зборот ‘олимписки’ е претерување. На крајот на денот, тоа е еднодневен настан, 2.000 луѓе јадат пуканки и има музички концерт. Тоа се 50 спортисти. Не е исправно тоа да се става на исто ниво“, изјави Коен.

„Унапредените игри“ првпат беа претставени во 2022 година како обид да се оспори антидопинг системот и да се укаже на фактот дека голем број спортисти не можат да живеат од своите резултати. Организацијата подоцна ја прошири приказната на фармацевтската и медицинската сфера, тврдејќи дека податоците од тренинзите и тестирањата можат да помогнат во пошироки истражувања за стареењето, закрепнувањето и физичките способности.

Организаторите претходно привлекоа внимание со награди од 250.000 долари за победи и бонуси до милион долари за рушење рекорди, иако таквите резултати не би биле признаени во официјалните книги на светските федерации.


Меѓу попознатите учесници е американскиот спринтер Фред Керли, светски шампион на 100 метри од 2022 година, додека грчкиот пливач Кристијан Гколомеев претходно исплива неофицијален рекорд на 50 метри слободно користејќи недозволени средства и забрането одело.

Поддржувачите на проектот тврдат дека со строг медицински надзор можат легално и безбедно да се користат супстанции како нандролон, ЕПО и хормон за раст, додека противниците потсетуваат дека токму таквите супстанции низ историјата биле поврзувани со тешки последици по здравјето и смрт на спортисти. Затоа исходот од натпреварувањето во Лас Вегас ќе биде важен не само поради резултатите, туку и поради пошироката расправа за тоа што спортот смее да прифати, а што не.