Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, стана најследената европска политичарка на социјалните мрежи, а за тоа најмногу е заслужна една објава за време на средбата со премиерот на Индија, Нарендра Моди.
За време на официјалната посета на Моди на Рим, Мелони објави видео на кое се прикажани таа и премиерот на Индија.
На тоа видео, Моди ѝ подарува на Мелони карамели наречени „Мелоди“, што асоцира на спој од презимињата на италијанската премиерка и индискиот премиер.
„Ова се одлични карамели“, рече Моди, што ја насмеа и италијанската премиерка.
Оваа објава достигна десет милиони лајкови, станувајќи најпопуларната содржина на Инстаграм што ја објавила италијанската премиерка.
Тоа придонесе и за раст на популарноста на Мелони на социјалните мрежи, па таа според бројот на следбеници го престигна и францускиот претседател Емануел Макрон.

Во текот на последните 12 месеци, Мелони добила 2,7 милиони нови следбеници, додека Макрон добил 2 милиони. Меѓутоа, само во последните три дена, профилот на премиерката добил 472.000 нови следбеници, додека профилот на Макрон добил 2.900.
Конкретно, францускиот лидер има 6.557.025 следбеници, додека Мелони достигна 6.559.494.
Пред доаѓањето во Италија, Моди ја посети Норвешка како дел од четвртата етапа од својата турнеја. Претходно патуваше во Шведска, Холандија и Обединетите Арапски Емирати.







