Пирамидите во Гиза како патокази за вонземјани: Научник изнесе луда теорија

Точка

21/05/2026

22:34

456

Големина на фонт

а а а

Научникот Џалал Џафари од Универзитетот „Shahid Beheshti“ во Техеран (Иран) тврди дека трите пирамиди во Гиза — Кеопсовата, Кефреновата и Микериновата — можеби биле „гравитациски предавател на меѓуѕвездено ниво“.

Својата идеја ја изнел во труд што се појавил како нерецензиран „preprint“ на „ResearchGate“.

„Алтернативците“ и „уфолозите“ со децении тврдат дека Големата пирамида служела за „искористување на природната енергија на Земјата или за комуникација со вонземјани“, но Џафари во својот „труд“ се фокусирал на прецизниот северозападно-југоисточен распоред на трите пирамиди и нивната усогласеност со ротацијата на Земјата.

Неговата идеја во голема мера се потпира на нумеричкиот однос меѓу географската ширина на Големата пирамида и брзината на светлината.

Имено, градбата се наоѓа на 29,979234 степени северна географска ширина, што по поместување на децималната запирка многу наликува на брзината на светлината од 299.792.458 метри во секунда.


Експертите се скептични

„Совпаѓањето на овие две вредности е точно до првите седум цифри“, се наведува во студијата, која сличноста ја опишува како „статистички извонредна“.

Џафари укажува дека локацијата намерно била избрана за математичките информации да бидат кодирани во географијата на Земјата со помош на универзално препознатлив шаблон.

Според поставената теорија, движењето на Земјата околу Сонцето создава повторувачки гравитациски образец што делува како преносен радио-сигнал, додека фиксната позиција на пирамидата и секојдневната ротација на планетата со текот на времето го модулираат тој образец.


Авторот претпоставува дека позициите на Кефреновата и Микериновата пирамида исто така биле намерно распоредени за да создаваат варијации во системот и така да му помогнат на теоретскиот сигнал да се издвои од природниот шум во позадина.

Понатаму, во трудот се цитираат и претходни истражувања од списанието „Nature“, кои покажуваат дека страните на Големата пирамида се усогласени со страните на светот со прецизност од 0,06 степени, што според авторот укажува на напредно разбирање на геометријата, астрономијата и геодезијата во древниот Египет.

Очекувано, вистинските научници со голем скептицизам гледаат на овие тврдења.

Критичарите предупредуваат дека споредбата со брзината на светлината се потпира на модерни мерни системи што не постоеле во древниот Египет.


Имено, брзината на светлината од 299.792.458 m/s се темели на единицата метар — која, пак, е дефинирана во однос на светлината дури во 1983 година, односно околу 4.600 години по изградбата на пирамидите.

Со самото тоа, слободно може да се заклучи дека целата приказна е уште еден несмасен обид на дилетанти и псевдонаучници да ја скокоткаат фантазијата на неупатените и наивни луѓе.

Впрочем, Џафари на крајот од трудот признава дека целата идеја за три пирамиди што создаваат високо организиран образец на гравитациски бранови останува шпекулативна и дека се потребни многу повеќе научни докази.