Миризливите печени јаболка, мекиот пандишпан и лесниот шлаг го прават овој колач совршен избор за секоја пригода.
Овој едноставен рецепт го пронајдовме на познатиот хрватски Јутјуб канал „Recepttura“.
• шест јаболка
• 75 грама шеќер
• една лажичка мелен цимет
• пет јајца
• пет лажици шеќер (65 грама)
• пет лажици брашно (40 грама)
• половина кесичка прашок за печиво
• една кесичка ванилин шеќер
• 500 милилитри слатка павлака за шлаг
Јаболката измијте ги, излупете ги и пресечете ги на половина, а потоа извадете ги семките и исечкајте ги на парчиња со дебелина од приближно осум милиметри. Посипете ги со цимет и помала количина шеќер.
Тавата премачкајте ја со путер и набрашнете ја, па на дното распоредете го остатокот од шеќерот. Рерната загрејте ја на 180 степени и печете ги јаболката околу 25 минути.
Во меѓувреме подгответе го пандишпанот. Одвојте ги белките од жолчките. Белките изматете ги во цврст снег. Во жолчките додајте шеќер и ванилин шеќер, па матете додека не добиете пенеста смеса. Додајте ги брашното и прашокот за печиво и соединете сè во мазна смеса.
На крај постепено вмешајте го снегот од белки, нежно мешајќи за смесата да остане воздушеста. Печените јаболка извадете ги од рерната и рамномерно распоредете го подготвениот пандишпан врз нив.
Колачот печете го уште 20 минути на 180 степени, а потоа проверете со чепкалка дали е печен. Доколку е потребно, продолжете го печењето уште пет минути.
По печењето извадете го колачот од рерната и оставете го неколку минути, па внимателно превртете го на подлога. Оставете го да се излади на собна температура. Слатката павлака изматете ја во цврст шлаг, потоа нанесете ја врз изладениот колач и рамномерно распоредете ја. Пред сервирање, колачот држете го во фрижидер најмалку четири часа.