Пред само една година малкумина знаеја за Ела Ленгли, кантри пејачката од Алабама, но нејзиниот живот оттогаш целосно се промени.
Денес оваа 27-годишна пејачка ја нарекуваат новата Тејлор Свифт, а јавноста ја познава како девојката која „сака коњи, ја чита Библијата и поседува оружје“.
Ленгли пее кантри песни за момчињата, верата и родниот крај, поради што многумина почнаа да ја споредуваат со Свифт, една од најголемите светски музички ѕвезди. Свифт ја започна кариерата на кантри сцената во Тенеси, а пред да стане глобална поп-ѕвезда беше девојка од мал град која пееше со акустична гитара и најчесто се држеше подалеку од политичките поделби.

Подоцна, таа се сврте кон поп-музиката и сè поотворено ги поддржуваше демократите, отуѓувајќи некои од нејзините рани, поконзервативни обожаватели. Токму таква публика привлече Ела, која пораснала во малото гратче Хоуп Хал, Алабама и ужива во лов на елени, голф и виски.
Таа е препознатлива и по својот јужен стил, често облечена во тексас и каубојски чизми. Оваа мешавина од кантри естетика, директност и самодоверба ја претвори во вирална сензација и ја искачи на врвот на американските музички листи.

Со песната „Choosin‘ Texas“, Ленгли стана првата изведувачка чија песна истовремено се искачи на врвот на листите на Билборд – „Hot 100“, „Hot Country Songs“ и „Country Airplay“. Билборд исто така извести дека песната неодамна ја помина осмата недела на првото место на листата „Hot 100“.
Песната исто така добро помина и во Обединетото Кралство, каде што влезе во првите 20 на официјалната листа со синглови.
Минатиот викенд, нејзиниот дует со Морган Волен, „I Can’t Love You Anymore“, дебитираше на седмото место на листата „Hot 100“ на Билборд.
Билборд вели дека ова е прво такво деби во топ 10 за песна во која двајцата водечки изведувачи се имиња од „core-country“ музиката.
Иако Ела брзо стана голема ѕвезда, нејзиниот успех не дојде од никаде. Нејзината музика, според Телеграф, комбинира текстови во кои публиката лесно може да се пронајде во традиционалниот звук на челични гитари и виолини и е привлечна и за помладите и за постарите слушатели.
Кантри музиката моментално е во огромен подем, но на многу модерни ѕвезди им недостасува личност. Тие често се вртат околу истите мотиви – алкохол, камиони и Исус. Ела пее за слични теми, но со повеќе шарм, хумор и самоиронија.

Минатиот месец таа настапи на фестивалот „Stagecoach“, а настапот бил договорен уште пред да стане широко позната. Таму привлече голема публика, а меѓу оние кои ја следеа беа и познати личности, вклучувајќи ги Сидни Свини и нејзиниот партнер Скутер Браун.

Иако често ја споредуваат со Свифт, се чини дека Ленгли би можела да стане уште поголемо име во светот на кантри музиката. Барем така тврдат некои извори во музичката индустрија: „Ела е паметна, симпатична и талентирана, и таа објавува музика во многу поповолно време за кантри отколку кога Тејлор Свифт го издаде „Fearless“ во 2008 година“.

„Интересно е и тоа што таа е подеднакво популарна и кај момците и кај девојките, што значи дека нејзините настапи имаат поголем потенцијал да се распродадат од настапите на Тејлор во нејзините рани денови. Освен тоа, таа нема да биде етикетирана како изведувачка за тинејџери. Се чини дека може да стане најголемата нова ѕвезда од Нешвил во последните децении, а можеби дури и да ја надмине Морган“, рекол извор.
Се чини дека Тејлор е свесна за споредбите, а во март се фотографирала со Ленгли на доделувањето на наградите „iHeartRadio“.

Многумина го протолкуваа ова како намерен потег, особено по критиките дека Свифт е премногу конкурентна со помладите колеги и не е им нуди доволно поддршка.