Македонија се враќа на евровизиската сцена: По 4 години пауза, ќе имаме наш претставник на Евровизија 2027

Точка

21/05/2026

17:38

554

Големина на фонт

а а а

По 4 години пауза, Македонија повторно ќе биде дел од Евровизија. Веста ја потврди директорот на Македонската радио-телевизија, Зоран Ристоски, кој соопшти дека земјава ќе испрати свој претставник на музичкиот натпревар во 2027 година, кога фестивалот ќе се одржи во Бугарија, поточно во Софија.

На јавна седница на Програмскиот совет на МРТ, Ристоски истакнал дека по средбите со претставници на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) може со сигурност да каже дека Македонија се враќа на евровизиската сцена. Тој нагласил дека МРТ добива поддршка од ЕБУ во промоцијата на македонските културни вредности и очекува јавниот сервис да добие поповолен пакет за повторното учество на натпреварот.


„Заврши времето на нетранспарентен избор на учесници за Евровизија. Потврда за тоа е веќе објавениот јавен оглас за избор на композиција што ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026“, изјави Ристоски.

Македонија последен пат настапи на Евровизија во 2022 година, кога земјата ја претставуваше Андреа Коевска со песната „Circles“, избрана преку национален избор. Тогаш таа не успеа да се пласира во финалето.

Најдобриот резултат за Македонија на Евровизија го оствари Тамара Тодевска, која во 2019 година со песната „Proud“ го освои седмото место.

Во меѓувреме, младата поп-пејачка Дара ѝ ја донесе првата евровизиска победа на Бугарија со песната „Бангаранга“, со што Софија ќе биде домаќин на изданието во 2027 година.