Познатата манекенка со палестинско потекло Бела Хадид реагираше на видеото на кое израелскиот министер Итамар Бен-Гвир ги навредува уапсените активисти кои клекнуваат додека рацете им се врзани, велејќи дека тој е „најодвратниот човек на планетата“.
На својот Инстаграм профил, Хадид сподели видео од малтретирањето на уапсените активисти од глобалната флотила „Сумуд“, на кое може да се види како Бен-Гвир ги провоцира и навредува.
Таа додаде: „Морам да застанам и да кажам… Бен Гвир е сосема веројатно најлошиот, најгрдиот, најодвратниот човек на планетата, заедно со неговите одвратни, ужасни пријатели во владата. Ова е геноцид и е одвратно да се смее или да се поддржува“.

Манекенката рече и дека ѝ се смачило поради снимката што ја гледала порачувајќи му на Бен-Гвир: „Ти си гадно, гадно човечко суштество со гадно, гадно срце. Срамно е да се смееш на болката. Омразата во твоето срце е разбеснувачка, но Бог еден ден ќе ти суди. Колку срамна душа си“.
Неколку земји, вклучувајќи ги Италија, Франција, Холандија и Канада, реагираа на контроверзната снимка и го изразија својот „гнев“ поради третманот на Израел кон киднапираните активисти од флотилата.
Порано во среда, глобалната флотила „Сумуд“ на Икс соопшти дека најмалку 87 лица кои се киднапирани од израелските сили од хуманитарна флотила со помош намената за Газа започнале штрајк со глад „во знак на протест против нивното нелегално киднапирање и во знак на солидарност со над 9.500 палестински заложници кои се во израелските затвори“.

Кога станува збор за Хадид, таа ја искористи својата популарност за да го сврти вниманието кон геноцидот во Газа, но и да собере помош за народот на Палестина. Таа го направи тоа со организирање хуманитарен концерт за народот на Палестина и Судан заедно со Педро Паскал во Лос Анџелес.







