Седлоски со пет дебитанти во репрезентацијата против БиХ и Турција: Сакам да испробам нови имиња

Дерби

21/05/2026

13:48

221

Големина на фонт

а а а

По првиот собир во месец март, Гоце Седлоски како селектор на најсилната македонска фудбалска репрезентација прозиваше и вторпат во 2026-та година, овојпат во пресрет на двата пријателски натпревари против Босна и Херцеговина на крајот на месец мај (29), како и со Турција на почетокот на месец јуни (01).

Предводникот на најсилниот македонски тим уште во март најави дека ќе направи мали промени и дека ќе повика нови играчи во периодот кој следи, па на овој мајски список се најдоа пет дебитанти, од кои четворица играчи се од Првата македонска фудбалска лига.

На листата од 27 повикани фудбалери се најдоа пет дебитанти, а тоа се Георгије Јанкулов и Азер Омерагиќ од Вардар, Дарко Анѓелески и Дарко Додев од Силекс, како и интернационалецот од романска УТА, Дин Аломеровиќ.

Поради повреди, дел од репрезентацијата нема да можат да бидат Љупче Дориев, Лука Станковски, Егзон Бејтулаи, Марио Илиевски и Димитар Митровски, а поради клупски обврски двата натпревари ќе ги пропуштат Тихомир Костадинов и Андреј Стојчевски.

– Ни следат два тест натпревари против силни селекции како Босна ии Турција. Повикав повеќе играчи, неколкумина откажаа поради тоа што се изморени и поради повреди, па повикав играчи кои се покажаа во добро светло во македонското првенство. Сакам да испробам некои нови имиња, брзо ќе дојдат предизвиците во Лигата на нации. Најавив промени во екипата и ќе има такво нешто. Сите што играат добро на клупски план, ќе бидат повикани и во националниот тим, – изјави Седлоски.