Силекс не забележа ниту една победа против Шкендија во текот на оваа натпреварувачка сезона, но сепак кога беше најважно и кога се играше за трофеј, избраниците на Александар Васоски се покажаа како подобри на националната арена „Тодор Проески“.
Кратовчани успеаја да слават со минимални 1:0 и го осовија четвртиот Куп трофеј во својата историја, па покрај тоа што додадоа уште една титула во своите витрини, важна вест е што со овој триумф си обезбедија и награда за ова лето.
Силекс ќе биде дел од квалификациите во Конференциската лига на УЕФА, па по победата во големото финале, доби искрени честитки и од првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
– Искрени честитки до фудбалерите, стручниот штаб и раководството на ФК Силекс за освојувањето на Купот на Македонија. Во одлично организиран натпревар, со фер услови и одлично судење, Силекс заслужено го освои трофејот.
– Им посакувам многу успех и достојно претставување на македонскиот фудбал на европски натпревари во Лигата на конференции на УЕФА, – порача Омерагиќ.







