На 17 јуни на сцената на Македонскиот народен театар ќе се изведе претставата „Страв и надеж“ која преку драмски приказ објаснува современите стравови и дилеми на човекот во денешно време полно со неизвесност и отуѓување.
На 17 јуни, со почеток во 20:00 часот, на сцената на Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Страв и надеж“, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, инспирирана од драмскиот свет на Франц Ксавер Крец – автор кој со својата хиперреалистична драматургија прецизно ги детектира општествените пукнатини на современиот човек.
Иако драмата тематски се поврзува со Орвеловата „1984“, дејството не е сместено во минатото, туку во денешницата – во време на војни, егзистенцијална несигурност, отуѓување и разорување на хуманистичките вредности. Свет во кој цивилизацијата се движи по тенка линија помеѓу надежта и бездната.

Претставата е составена од петнаесет сцени во кои ликовите се наоѓаат во пресудни мигови од животот – моменти исполнети со страв, осаменост, љубов, притисок и внатрешни судири. Низ жанровски разновидни ситуации, од хумористични до длабоко трагични, се отвораат прашања за човековата ранливост и опстанокот во современото општество.
Во претставата настапуваат: Сашко Коцев, Сашка Димитровска, Александар Микиќ, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Никола Ристановски, Тони Михајловски, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Корепетитор и пијано: Зоран Станишиќ
Музички координатор и виолина: Стефан Котевски
Кларинет: Никола Соколовски
Кахон: Милена Наумовска
Претставата „Страв и надеж“, чија праизведба се одржа на 22 април, е дел од официјалната селекција за јубилејното 60-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk, како и на билетарницата на театарот.











