Стотици мажи се собираат во раните зори на прашливиот плоштад во Чагчаран, главниот град на авганистанската покраина Гор. Тие стојат покрај патот со изморени лица, надевајќи се дека ќе дојде некој кој ќе им понуди каква било работа.
Од тоа зависи дали нивните семејства ќе имаат што да јадат, но шансите за успех се мали. Џума Кан (45) во последните шест недели само три дена пронашол работа, за дневница помеѓу 150 и 200 афгани (околу 2 до 3 евра). Неговата приказна не е исклучок, пишува Би-би-си.
„Моите деца си легнаа гладни три ноќи по ред. Сопругата плачеше, а и децата. Затоа позајмив пари од соседот за да купам брашно. Живеам во страв дека моите деца ќе умрат од глад“, рекол Кан.

Во денешен Авганистан, според податоците на Обединетите нации, дури тројца од четири лица не можат да ги задоволат ниту своите основни потреби. Невработеноста е огромна, здравствениот систем се распаѓа, а хуманитарната помош, која некогаш обезбедувала опстанок на милиони луѓе, е намалена на дел од претходните износи.
Глад и очај
Земјата се соочува со рекордни нивоа на глад, а се проценува дека 4,7 милиони луѓе, повеќе од една десетина од населението, се на работ на глад. Провинцијата Гор е една од најтешко погодените. Очајот кај мажите е видлив.
„Ме повикаа и ми рекоа дека моите деца не јаделе два дена“, рекол Рабани со скршен глас. „Сакав да се самоубијам. Но, потоа помислив како тоа ќе му помогне на моето семејство? Затоа сум тука и барам работа“, додал тој.

Кваџа Ахмад едвај успева да каже неколку зборови пред да почне да плаче:
„Гладуваме. Моите постари деца починаа, па морам да работам за да го прехранам семејството. Но, јас сум стар и никој не сака да ми даде работа“, истакнал тој.
Кога ќе се отвори блиската пекара, сопственикот дели стар леб на толпата. За неколку секунди, ништо не останало. Одеднаш се појавила нова толпа. Еден човек на мотоцикл дошол да најде работник да носи тули, а десетици мажи се нафрлиле врз него. Во двата часа што новинарската екипа ги поминала на плоштадот, само тројца луѓе ја добиле работата.
Продажба на деца за преживување
Во блиските населби, во голи куќи расфрлани низ неплодните, кафеави ридови, разорните ефекти од невработеноста се уште поочигледни. Абдул Рашид Азими ги внел новинарите во својот дом и ги донел своите две деца – седумгодишните близнаци Роки и Рохила. „Подготвен сум да ги продадам моите ќерки“, плачејќи рекол тој.
„Сиромашен сум, во долгови и беспомошен. Се враќам дома со суви усни, гладен, жеден и очаен. Моите деца доаѓаат кај мене и велат: „Тато, дај ни леб“. Но, што можам да им дадам? Каде е работата?“, раскажал тој.

Абдул додал дека е подготвен да ги продаде ќерките за брак или домашна работа. „Ако продадам една ќерка, би можел да ги нахранам другите деца најмалку четири години“, рекол тој, прегрнувајќи ја и бакнувајќи ја Рохила низ солзи.
„Срцето ми се крши, но тоа е единствениот начин“. Нивната мајка Кајхан додала: „Сè што имаме да јадеме е леб и топла вода, дури ни чај“.
Семејствата почесто одлучуваат да ги продадат своите ќерки бидејќи синовите културно се сметаат за идни хранители на семејството, што е уште поизразено во Авганистан поради ограничувањата на Талибанците за образование и работа за жените. Покрај тоа, постои традиција според која семејството на младоженецот му дава подарок на семејството на девојката за време на стапувањето во брак.
Долгови и детски бракови
Саид Ахмад веќе бил принуден да ја продаде својата петгодишна ќерка Шаика, откако девојчето добило апендицитис и циста на црниот дроб. „Немав пари за лекување. Затоа ја продадов ќерка ми на роднина“, рекол тој.
Операцијата била успешна, а парите дошле од 200.000 афгани (околу 3.000 евра) за кои била продадена.
„Да ја земев целата сума тогаш, тој веднаш ќе ја земеше. Затоа му реков да ми даде доволно за нејзиното лекување сега, а во следните пет години може да ми го даде остатокот и да ја земе. Таа ќе му стане снаа“, објаснил Саид.

За пет години, кога ќе има само 10 години, Шаика ќе мора да оди кај роднина за да се омажи за еден од неговите синови.
„Да имав пари, никогаш немаше да ја донесам оваа одлука“, нагласил Саид.
„Но, потоа си помислив, што ако умре без операција? Откажувањето од сопственото дете на толку рана возраст создава голема непријатност. Детските бракови имаат свои проблеми, но бидејќи не можев да платам за нејзиното лекување, си помислив, барем ќе остане жива“, раскажал тој.
Практиката на детски бракови е сè уште широко распространета во Авганистан, а забраната на талибанската влада за образование на девојчињата само ја влошува состојбата.
Колапс на хуманитарната помош
Само пред две години, Саид и неговото семејство, како и милиони други Авганистанци, добивале помош во храна: брашно, масло, леќа и додатоци во исхраната за деца.
Но, поради драстичното намалување на меѓународната помош, повеќето останаа без оваа поддршка што спасува животи. САД, некогаш најголем донатор, ја прекинаа речиси целата помош минатата година. Таа беше значително намалена и од други клучни донатори, вклучувајќи го и Обединетото Кралство.
Според сегашните податоци на ОН, помошта добиена оваа година е за 70 отсто помала отколку во 2023 година. Проблемите се дополнително влошени од силната суша што зафати повеќе од половина од земјата.
Талибанската влада, која ја презеде власта во 2021 година, ја обвинува и претходната администрација. „Во текот на 20-те години од инвазијата, беше создадена вештачка економија поради приливот на американски долари“, изјавил Хамдулах Фитрат, заменик-портпарол на талибанската влада.
„По завршувањето на инвазијата, наследивме сиромаштија, беда, невработеност и други проблеми“, истаканал тој.
Меѓутоа, политиките на Талибанците, особено ограничувањата наметнати на жените, се клучна причина за повлекување на донаторите. На прашањето поврзано со ова, владата негира одговорност.
Иако долгорочните проекти што ги објавија Талибанците еден ден може да помогнат, милиони луѓе нема да преживеат без итна помош. Како Мохамад Хашим, чие 14-месечно девојче починало пред неколку недели.
„Моето дете почина од глад и недостаток на лекови … Кога детето е болно и гладно, очигледно е дека ќе умре“, рекол тој.
Локалниот старешина потврдил дека смртноста кај децата, главно поради неисхранетост, „навистина се зголемила“ во последните две години. Единствениот доказ за зголемување на смртноста е видлив на гробиштата, каде што има приближно двојно повеќе гробови на деца отколку на возрасни.
Болници без лекови и опрема
Дополнителни докази се наоѓаат во главната покраинска болница во Чагчаран. Секторот за новороденчиња е најпрометен. Сите кревети се полни, некои имаат дури и две бебиња. Повеќето од нив се ненахранети и се борат за здив. Медицинска сестра носи новородени близнаци. Тие се родени два месеци предвреме.

Едното тежи 2 кг, а другото само 1 кг. Тие се во критична состојба.
„Нивната мајка е слаба бидејќи не јадеше речиси ништо за време на бременоста, само леб и чај“, објаснила бабата Гулбадан.
Неколку часа подоцна, потешкото бебе починало. „Лекарите се обидоа да ја спасат, но не успеаја. Се надевам дека барем ова друго ќе преживее“, рекла бабата.
Медицинската сестра Фатима Хусеини нагласила дека има денови кога умираат до три новороденчиња.

„На почетокот ми беше ужасно тешко да гледам како умираат деца. Сега тоа стана речиси нормално за нас“, изјавила таа.
Д-р Мухамад Моса Олдат рекол дека стапката на смртност достигнува 10 отсто, што е „неприфатливо“.
Меѓутоа, болницата нема лекови за повеќето пациенти, па семејствата мора да ги купуваат од аптеки. Поради недостаток на пари, семејствата се принудени да донесуваат тешки одлуки. Преживеаната внука на Гулбадана била однесена дома бидејќи семејството не можело да плати за нејзиниот подолг престој во болницата.
Замир, кој има 6 недели и страда од излечив менингитис и пневмонија, бил однесен дома од истата причина. Нивните слаби тела сега ќе мора сами да се борат за своите животи.
Фото: Би-би-си















