Литванскиот државен врв, вклучувајќи го претседателот Гитанас Науседа и премиерката Инга Ругиниене, беа итно евакуирани во подземни засолништа откако сомнителен дрон од територијата на Белорусија предизвика тревога за воздушна опасност и започна мисија на воздушна патрола на НАТО.
Итна наредба за евакуација беше издадена и во парламентот, од каде пратениците и персоналот беа веднаш испратени на безбедно, додека армијата упати драматично предупредување до граѓаните на Вилнус и околината итно да побараат засолниште или да се упатат кон безбедни места.
Радарите регистрирале сомнителен сигнал од територијата на Белорусија
Драмата започна рано утрово кога радарите регистрираа сомнителен сигнал од територијата на Белорусија. Леталото прво било забележано во источните литвански области Игналина, Утена, Зарасај и Швенчјонис, поради што било прогласено жолто ниво на опасност.
Меѓутоа, ситуацијата брзо ескалирала кога раководителот на Националниот центар за управување со кризи, Вилмантас Виткаускас, потврдил дека е забележан дрон над самиот регион на главниот град, што автоматски ја подигнало тревогата на највисоко, црвено ниво.
Воените претставници изјавија дека овој инцидент е многу сличен на оние регистрирани во последните денови во Латвија и Естонија, нагласувајќи дека активирањето на сирени е стандардна и неопходна мерка на претпазливост.

Привремена парализа на сообраќајот во земјата
Поради прогласената воздушна опасност, дојде до привремена парализа на сообраќајот во земјата. Воздушниот простор над аеродромот во Вилнус беше целосно затворен еден час, поради што летовите на линиите СК744 и ТК1407 мораа да бидат пренасочени кон аеродромот во главниот град на Латвија, Рига.
Истовремено, железничкиот сообраќај беше прекинат во неколку делови од земјата, а патниците заглавени на железничката станица во Вилнус беа итно евакуирани во безбедни зони.
По едночасовна блокада и детални проверки, воздушниот простор беше повторно отворен околу 11 часот, а железничкиот сообраќај беше нормализиран набргу потоа.

Сепак, надлежните служби ги предупредија патниците дека се можни значителни доцнења во возењето и распоредот на летовите во текот на денот поради претходните прекини.
Укинато предупредувањето
Литванската војска пред малку го укина предупредувањето за жителите ширум земјата по упадо на дрон, а летовите на аеродромот во Вилнус се повторно вопоставени, пренесе Скај њуз.















