Започна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, се очекува да заврши за една година

Макфакс

20/05/2026

13:50

139

Големина на фонт

а а а

Започна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во општина Ѓорче Петров, проект што ќе овозможи нови училници и современи услови за учење. Проектот се реализира во година кога училиштето слави 80 години од своето постоење и се очекува да заврши за една година.

Започна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров. Се очекува проектот да заврши за една година.

На означувањето на почетокот на градежните активности присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и претставници на училиштето.

Проектот има особено значење, бидејќи се реализира во година кога училиштето одбележува 80 години постоење и воспитно-образовна дејност во Општина Ѓорче Петров.

„Ова не е само доградба на училиште, туку инвестиција во иднината на нашите деца и во развојот на целата општина. Со овој проект создаваме современи услови за образование, подобра организација на наставата и достоинствен простор за учениците и наставниот кадар. Особено сме горди што токму во годината кога училиштето одбележува 80 години постоење започнуваме проект кој претставува продолжување на просветителската мисија на Јоаким Крчоски“, изјави Стојкоски.

Со проектот е предвидена изградба на нов училишен објект со површина од 541 метри квадратни, односно 612 метри квадратни со подрумскиот дел.

Во рамки на доградбата ќе бидат изградени 8 нови училници, санитарни јазли, комуникациски ходници, скалишен простор, технички простории, помошни излези, топла врска со постојниот училишен објект и идно функционално поврзување со спортската сала. Со сето ова, училиштето добива и можност за одржување на едносменска настава.

Проектот е вреден 41.882.194 денари со вклучен ДДВ. Инвеститор е Општина Ѓорче Петров, со финансиска поддршка преку програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2025 година. Рокот за реализација на проектот е 12 месеци.