Васоски: Шкендија има мала предност, но за нас ова е натпревар на сезоната

Дерби

19/05/2026

13:54

142

Големина на фонт

а а а

Битката за Купот на Македонија ќе биде во центарот на вниманието утревечер на националната арена „Тодор Проески“, а на еден ден пред големото финале, се одржа стандардната прес-конференција од актерите на двата клуба.

Силекс и Шкендија одработија заедничка прес-конференција и ја најавија утрешната битка за титулата, натпревар на кој кратовчани ќе бркаат четврта, а тетовчани трета Куп титула.

Реално гледано, овој натпревар е далеку поважен за Силекс поради тоа што може да донесе излез во Европа, особено во ситуација кога кратовчани не можат да го направат тоа преку домашното првенство.

– Добро се познаваме со Шкендија, ова е натпревар кој носи голем влог. Ова е натпревар на сезоната за нас, очекувам добар фудбал од двете страни.

– Нека биде меч за уживање и нека победи подобриот. Шкендија има мала предност поради искуството од играње на важни натпревари во Европа, но ова е еден натпревар и се надеваме дека ние ќе се радуваме на крајот, – изјави Александар Васоски, тренерот на Силекс.

– Следи интересен дуел на две екипи кои се меѓу најдобрите во Македонија. Подготвени сме да го дадеме нашиот максимум. Теренот ќе покаже кој е подобриот, – изјави капитенот на Силекс, Дарко Анѓелески.