Иднината на Жозе Мурињо е добро позната, барем така тврдат угледните шпански и португалски медиуми, кои веќе со денови пренесуваат дека искусниот стручњак ќе заврши во Реал Мадрид.
Самиот Мурињо во саботата откри дека неговиот агент Мендеш преговарал со Реал Мадрид и најави дека работите ќе се кристализираат во текот на оваа работна недела, а угледниот „АС“ денеска информира дека работата е целосно завршена.
Имено, Мурињо вчера му соопштил на Руи Кошта дека нема да ја прифати понудата за нов договор од Бенфика, од едноставна причина што веќе има договорено добар дел од деталите со „кралскиот клуб“.
Познатиот мадридски весник информира дека Мурињо веќе го договорил финансискиот аспект со Реал Мадрид и за тоа се погрижил Мендеш, но договорено и колку долго ќе трае договорот.
Како што тврди „АС“, Мурињо ќе потпише двегодишен договор со Реал Мадрид, со опција експресно да биде активирана уште една сезона, клаузула која би се вклучила во ситуација Жозе да го одведе тимот до славје во Ла Лига.
Имено, договорот на Мурињо е врзан со успех во Ла Лига, па ако освои титула во домашното првенство во било која од двете сезони, договорот ќе му биде продолжен за уште 12 месеци.
„АС“ тврди дека официјална објава за негов ангажман нема да има до крајот на оваа недела, а причина за тоа се претседателските избори кои ги свика Флорентино Перез за претстојниот викенд.
Планот е Перез да го потврди Мурињо за нов тренер во првиот момент кога ќе победи на изборите, па Жозе би требало да биде претставен во Мадрид на стартот на наредната недела.







