Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев оддаде почит на загинатите припадници на Единицата за брзо распоредување во Скопје. Во чест на нивниот подвиг беше отворен меморијален турнир на кој учествуваат 14 полициски екипи, продолжувајќи да го негуваат споменот со спортски дух и заедништво.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска во седиштето на Единицата за брзо распоредување во Скопје оддаде почит на загинатите припадници на Единицата кои своите животи ги положија во служба на државата, безбедноста и граѓаните, соопшти МВР.
Во присуство на нивните семејства, градоначалникот на Ѓорче Петров, пратеникот Бојан Стојановски, претставници на синдикатите и колегите од специјалните единици на Бирото за јавна безбедност, се додава во соопштението, пред споменикот подигнат во нивна чест, беше оддадена почит и благодарност кон луѓето кои ја дадоа најголемата жртва за Македонија – се вели во соопштението.

-Нивните имиња и нивните дела никогаш нема да бидат избришани од нашата полициска и институционална меморија. Тие остануваат траен симбол на храброст, чест и пожртвуваност. Нивниот живот положен за татковината е аманет за сите нас чесно, одговорно и посветено да ја чуваме безбедноста на граѓаните и интегритетот на државата – истакнал Јанев.
Тој додал дека најтешко е за нивните семејства, болката по загубата никогаш не исчезнува, но тие мора да знаат дека не се сами.
-Полицијата и раководството секогаш ќе бидат покрај нив, затоа што тие се дел од нашето големо полициско семејство – нагласил рече Јанев.
Во чест на загинатите припадници на ЕБР, директорот Јанев го отвори и меморијалниот турнир на кој учествуваат 14 екипи од различни организациски единици на полицијата.
На отворањето Јанев посочил дека со спортски дух, со заедништво и фер-плеј продолжуваат да го чуваме споменот на луѓето кои не дозволија стравот да биде посилен од должноста.

-Некои дадоа многу. Тие дадоа сè. Полициската професија не е само работа, таа е заклетва. Заклетва дека ќе бидеме тивки чувари на мирот, спокојот и безбедноста на граѓаните и државата. Затоа сме обучувани, затоа ја носиме униформата и затоа сме подготвени да служиме чесно и достоинствено, дури и по цена на сопствениот живот – изјавил Јанев.















