Виница денеска доби нов, модерен затворен пазар кој се простира на 1810 квадратни метри и вклучува дуќани за продавање овошје, зеленчук и месо. Пазарот беше официјално пуштен во употреба во присуство на премиерот и други државни функционери, а исто така беше извршен увид и на реконструкцијата на улицата Ванчо Прќе и водоводната мрежа во населеното место Градец.
Граѓаните на Виница, од денеска, имаат нов, модерен, затворен пазар кој официјално беше пуштен во употреба во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт, Александар Николоски и градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски.
Костадиновски информираше дека пазарот се простира на површина од 1.810 квадратни метри, со дуќани за продажба на овошје, зеленчук, месо и месни производи, но и со 87 челични продажни пунктови.
Проектот е вреден 24 милиони денари обезбедени од буџетот на Општина Виница.
– Освен тоа, партерно е уреден и просторoт околу пазарот. Поставена е нова метална ограда, а потпорните ѕидови се обложени со декоративен камен, воедно се поставени и клупи – наведе Костадиновски.
Тој додаде дека партерното уредување дополнително чинело 8,5 милиони денари, од кои 7,5 милиони се обезбедени од Министерството за транспорт, додека 1,5 милиони денари од буџетот на Општина Виница.
Денеска беше извршен и увид на реконструкцијата на улицата „Ванчо Прќе“, која ја поврзува Виница со населеното место Градец, каде што е поставена нова водоводна мрежа во должина од 558 метри и канализациска мрежа, долга 543 метри. Овој проект чини 11,5 милиони денари обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Министерството за транспорт. А, увид беше извршен и на главната улица во селото Градец.
Премиерот Мицковски му честиташе на градоначалникот и му посака да продолжи понатаму и како што кажа: „Да не застанеме тука, добро е да сме успешни, но треба да бидеме уште поуспешни и понатаму.“
Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски, додаде дека овие проекти се најдобар доказ дека се реализираат работите што се ветуваат, а поддршката од Владата ќе продолжи и во наредниот период.











