Започнува борбата за пехарот во македонската кошарка, финалната серија во која силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје и Маџари.
Клубот од Аеродром е апсолутен фаворит во оваа битка, но ќе мора да внимава на ривалот кој во полуфиналето го суреди ТФТ и тоа со 2-0.
–Финалето секогаш носи посебен предизвик, како круна на сезоната во која сте пролеале милиони капки пот. Се подготвуваме максимално, веруваме во својот квалитет и сме подготвени да дадеме се од себе за да ја одбраниме титулата.
-Со настапите во првенството и во плеј-офот Маџари покажа квалитет кој треба да се респектира. Немаме намера да го потцениме, без разлика што е дебитант во елитата. Но, свесни сме дека се зависи од нас самите. Ако бидеме на потребното ниво тогаш ќе бидеме многу блиску до целта, а тоа е задржување на круната во Аеродром, -вели тренерот на актуелниот шампион Васко Атанасов за КФМ.
Предводникот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ најави борба до последниот атом на енергијата.
–Пред се, сакам да им честитам на двете екипи за влез во финалето. Интересно е дека првенството оваа година започна со натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Маџари, а така и ќе заврши. Што се однесува до мојата екипа, едно сигурно знам, дека ќе дадеме се од себе, Секој атом од силата, ќе се бориме секоја секунда, за секој поен, за секој посед!
-Не доаѓаме во Аеродром со бело знаме, напротив. Одиме до крај, и сакаме оваа наша бајка од соништата да има среќен краj, –порача Тодоровиќ.
Првиот меч е закажан за вечерва од 20:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.







