Кој бренд заработува најмногу пари по продаден автомобил?

Точка

10/05/2026

10:21

1.036

Големина на фонт

а а а

Логично е премиум брендовите да имаат најголема корист од ова, со оглед на тоа што купувачите често „го плаќаат брендот“.

Во тој поглед, „Ferrari“ бил и останува недостижен.

Компанијата со седиште во Маранело во 2025 година заработила во просек по 223.680 евра по продаден автомобил, односно околу 21.000 евра повеќе во споредба со претходната година.

Италијанскиот производител остварил толку голем профит што по завршувањето на годишните финансиски извештаи, во февруари на сите вработени им исплатил бонуси до 15.000 евра.

„Ferrari“ воедно е и еден од производителите што најмногу инвестираат во истражување и развој во однос на својот БДП, а минатата година компанијата остварила и оперативна маржа од дури 43 проценти.


Зад „Ferrari“ се наоѓа „Lamborghini“, кој остварил просечна профитна маржа од 71.462 евра по автомобил, додека убедливо зад него следи „Jaguar Land Rover“ со заработка од 18.657 евра по возило, што е за 4.300 евра помалку во однос на 2024 година.

Моделот на директна продажба на „Tesla“ и натаму се покажува како исклучително исплатлив. Американската компанија е трет производител со најголема заработка по продаден автомобил, со просечен профит од 5.859 евра по возило.

Со тоа „Tesla“ ги надминува и „Mercedes-Benz“ и „BMW Group“, при што германскиот концерн несомнено е погоден од американските царини од 15 проценти, кои Доналд Трамп сега се заканува да ги зголеми на 25 проценти.


Колку заработуваат „народните“ брендови?

Меѓу мејнстрим производителите, истражувањето покажува дека најдобро стои „Toyota“, вклучувајќи го и „Lexus“, која во 2025 година заработила 3.660 евра по продаден автомобил.

Зад неа следуваат „Volvo“, „Li Auto“, „General Motors“, „Honda“ и „Isuzu“.

И покрај трендот на што поевтина продажба на домашниот пазар, неколку кинески производители исто така се најдоа на листата.

„BYD“ е меѓу нив, со просечна заработка од 2.538 евра по возило, со што тесно ги надминува и „Renault Group“ и „Subaru“.

„XPeng“, кој во 2025 година направил значителен скок во квалитетот, заработува 1.434 евра по продаден автомобил, повеќе од „Chery“, кој има просек од 1.046 евра.


Кои се губитниците?

Голем дел од брендовите и производителите на оваа листа имаат една заедничка работа – или изгубиле пари, или им се намалила профитната маржа.

Тоа им се случило на мнозинството компании, со исклучок на „Ferrari“, „XPeng“, „Leapmotor“, „Geely“ – кој опфаќа голем број брендови и заеднички вложувања како „Polestar“ и „Smart“ – како и „KGM“.

„Ford“ исто така претрпел сериозен удар, заработувајќи во просек само 378 евра по продаден автомобил, откако ги апсорбирал трошоците за укинување на одредени модели, како актуелниот „Ford F-150 Lightning“, но и идни проекти, како и промени во деловното планирање.

Неколку брендови дури прикажуваат и негативен биланс. Тоа е случај со „Nissan“, кој се наоѓа во фаза на реструктурирање во Европа, „Stellantis“, кој минува низ глобална реорганизација, но и кинеските производители како „GAC“ и „NIO“.


Најтешко погодени се „Aston Martin“ и „Lucid“. По пресметката на сите трошоци, загубите на „Aston Martin“ изнесуваат 54.543 евра по продаден автомобил, додека кај „Lucid“ достигнуваат дури 123.086 евра по возило.

Овој просек ја зема предвид вкупната оперативна добивка, односно бруто-профитот намален за сите административни, оперативни, логистички и продажни трошоци.

Практично, станува збор за реалната заработка што секој производител ја остварува по целиот процес на производство и подготовка на возилото за испорака на купувачот од продажниот салон.