Додека низ Виена одекнува гламурот на Евровизија 2026, еден момент од церемонијата на отворањето на тиркизниот килим привлече неочекувано внимание.
Имено полската претставничка Алиција Шемплињска се најде во центарот на вирален исечок по необична интеракција со новинар.
Непријатен момент пред камерите
Додека чекорела по килимот пред натпреварот за да ја промовира својата песна „Pray“, на Алиција ѝ пришол новинар од израелскиот медиум „EuroMix“. Нивната кратка интеракција речиси веднаш стана вирална. Новинарот ја прашал пејачката дали има порака за своите обожаватели во Израел. По момент на тишина и поглед, Алиција само прошепотила: „Ви благодарам“ и си заминала.
Снимката молскавично се прошири на ТикТок и на Икс. Дел од гледачите коментираа дека многу изведувачи веројатно добиле строги упатства од своите национални телевизии да избегнуваат прашања што не се поврзани со музиката, за да се спречат контроверзии.
Моментот со Шемплињска се случи во, како што се чини, политички најнапнатиот период во историјата на Евровизија, каде што изведувачите се најдоа меѓу „неполитичките“ правила на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и силниот глобален притисок.
Инаку и Полска и Израел се пласираа во финалето на Евровизија.







