Муцунски на состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“: нагласена потребата од храбри и стратешки одлуки во насока на проширувањето на ЕУ

Макфакс

12/05/2026

12:22

124

Големина на фонт

а а а

Министерот Тимчо Муцунски учествуваше на состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Братислава, каде што доминираше темата за забрзување на процесот на пристапување во Европската Унија. На средбата се дискутираше за актуелните предизвици, економската соработка и безбедноста во регионот, како и за потребата од системски и храбри одлуки во насока на европската интеграција. Муцунски истакна дека Северна Македонија посветено работи на реформите и развојот на инфраструктурата, со цел да се искористат придобивките од евроинтеграцијата и подобро да се вклучи во креирањето на европските политики.

На покана на министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Јурај Бланар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Братислава учествуваше на Министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“.

Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а е формирана со цел забрзување на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

На состанокот беа разменети мислења за актуелните предизвици на политиката на проширување во актуелниот геополитички контекст, стратешката соработка со регионот, економскиот развој и безбедноста. Во дискусиите преовладуваше силна поддршка за нова, засилена динамика на пристапниот процес, како и за потребата од храбри и стратешки одлуки во насока на проширувањето на Европската Унија.

Во своето обраќање, Муцунски ја истакна важноста од забрзување на процесот на проширување, со посебен фокус на отстранување на пречките за непречена трговија со Европската Унија во контекст на европските регулативи кои го забавуваат пристапот до внатрешниот пазар на Унијата.

Притоа, тој посочи дека концептот на постепена интеграција треба дополнително да се надгради со нови иницијативи кои ќе овозможат поактивно учество на земјите од регионот во креирањето на политиките на Европската Унија и ќе донесат директни придобивки за граѓаните.

Воедно, во своето излагање министерот Муцунски посебен акцент стави на евроинтеграцијата на државата, Планот за раст и посветеноста на реформите како предуслов за користење на новите средства од Унијата.

Тој говореше и за значењето на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека Република Северна Македонија претставува точка на пресек на Паневропските коридори VIII и X, кои имаат значајна економска, безбедносна и геостратешка важност за регионот и Европа