[ФОТО] „Mansory Azura“ или како целосно да ја „растурите“ Г-класата

Точка

08/05/2026

19:21

282

Големина на фонт

а а а

Доколку барате Г-класа прилагодена на летна атмосфера, а притоа сте љубители на тиркизната боја, ова би можело да биде совршениот избор за вас.

Токму така, „Mansory“ повторно претстави радикално преработена верзија на легендарната Г-класа. За некого ова е вистинско светогрдие, за други е интересен и храбар проект, но на крајот најважна е заработката – а кај овој модел таа речиси сигурно нема да изостане. Ваков тип на модификација веројатно не би се осмелил да понуди ниту „Brabus“, а сите се согласуваат дека зад проектот стои огромна количина работа.

Пред сè, скратената Г-класа сега има две врати помалку, а потоа, по примерот на „Rolls-Royce“, добива врати со спротивно отворање. Нема ниту цврст покрив, туку бел платнен покривач кој дополнително го нагласува необичниот стил на возилото.

Тука е и целосно нов body kit со проширени крила, поагресивен преден дел, нова маска на ладилникот, поинакви отвори за воздух и аголни LED дневни светла.

Промените продолжуваат и по страните на возилото, каде што се наоѓаат нови отвори за воздух, извлекувачки странични скали и огромни бандажи обоени во иста нијанса како каросеријата.


Ентериер за избрани

Доколку надворешниот изглед делува драматично, внатрешноста е уште поекстремна.

Речиси целата кабина е обложена со тиркизна кожа, вклучувајќи ги седиштата, вратите, арматурната табла и воланот. Површините кои не се прекриени со кожа се изработени од видливи карбонски влакна со сини детали.


Повеќе од 800 коњски сили

Ниту погонот на „Azura“ не останал во сериска форма. Познатиот 4.0-литарски twin-turbo V8 мотор добил нови турбополначи, downpipe систем и специјално развиен издувен систем.

По сите доработки, моторот развива дури 820 коњски сили и 1.150 Nm вртежен момент. Тоа овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за само четири секунди.

Цената засега не е објавена, но се очекува овој екстравагантен G-Wagon да чини дебело во шестцифрен износ.