Откако Украина го ослободи градот од руската окупација во ноември 2022 година, Херсон стана синоним за она што локалното население го нарекува „човечки сафари“.
Руската војска, практично, прогласила сè што се движи – пеш или во возило – за легитимна цел. Мрежите против дронови и единиците како водот на Петрукио, дел од 34. маринска бригада, ублажиле дел од опасноста. Но насилната смрт и понатаму е речиси секојдневна појава.

„Во напорен ден би можеле да собориме десет дронови“, рекол Петрукио, палејќи цигара. Тој и неговите маринци од бригадата се дел од првата линија на одбрана во единствениот регионален главен град што се наоѓа директно на првата линија на фронтот. Руските оператори на дронови ловат цивили, ги снимаат додека бегаат и ги претвораат нивните последни моменти во морбидни видеа на социјалните мрежи.

„Прво работат уредите за попречување, па ние“, објаснил Петрукио. „Ако ние утнеме, тука се мобилните екипи зад нас“, додал тој. Но руската војска пронашла и нискотехнолошки решенија – дронови со оптички влакна, кои тешко се попречуваат.
Само неколку минути откако дронот бил неутрализиран, преку радиото пристигнало ново предупредување – артилериски напад. Набрзо стигнала и веста дека дрон ја нападнал болницата Лучански, едно од најчесто гаѓаните места во градот. Кога новинарот на „Телеграф“ пристигнал на местото, болничари со шлемови и панцири ваделе тела од мртовечницата погодена од дрон. Тоа не биле нови жртви, туку тела од претходни напади, пишува „Телеграф“.

„Во текот на изминатата година, во нападите врз болницата е убиено едно лице, а 20 се ранети“, рекол директорот Виктор Колисник. Медицинскиот директор Виталиј Хомуха додал: „Кога станува збор за мини, во 90 отсто од случаите мораме да ампутираме нога. Есента е најлоша – луѓето не ги гледаат во лисјата“.

Од 320.000 жители пред војната, во Херсон останале само околу 60.000. Во подрумот на породилиштето во болницата во црвената зона, 37-годишната Кејт Симонова ја родила ќерката Марта по 12 години обиди.

„Поминавме низ толку лоши нешта, но едноставно продолжуваме понатаму“, рекла Кејт, која се вратила во Херсон иако можела да остане во побезбедниот Киев.
Во импровизирани подрумски градинки, 5.000 деца се обидуваат да живеат нормално. Петгодишниот Максим Рјазанов престанал нормално да зборува откако неговото семејство 12 часа било заробено под урнат ѕид. Неговата 14-годишна сестра Милена речиси и не излегува од станот.


Во недела, во црквата на отец Игнатиус Москалјук се собираат повеќе верници од кога било претходно. По мисата доаѓа кловн и подрумот за миг се претвора во место исполнето со детска смеа.
Истиот ден, во подрумската сала на театарот „Микола Кулиш“, локалниот џез-трубач Артем Филенко свирел пред мала публика. Само неколку часа претходно, зградата била погодена од тенковска граната. Претставата сепак се одржала.

На крајот од трите дена поминати во Херсон, новинарот на „Телеграф“ не завршил бегајќи од бомби, туку пиејќи шампањ во подрумот на театарот со луѓе кои одбиваат да бидат заплашени.
Фото: Телеграф













