ВМРО-ДПМНЕ: Филипче без кочници се додворува на Софија и нуди уставни измени на брза лента

Макфакс

09/05/2026

09:24

153

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека е подготвен на нови национални отстапки и дека се „додворува“ на Бугарија преку своите јавни настапи.

„Венко Филипче е без рбет и со секоја своја изјава докажува дека за него и СДС не постојат никакви црвени линии кога станува збор за националните интереси. Изминатиот период Филипче постојано се обидуваше да се доближи и се додворуваше на Бугарија преку давање изјави во јавноста, кои се спротивни на официјалните ставови на Софија, а во врска со македонскиот идентитет. Вчера, по половина час откако се формираше новата бугарска влада, Филипче не издржа и итсрча прв да честита со објава на социјалните мрежи во која за сопствената држава вели дека создавала вештачки конфликти со соседите. По телевизиски настапи, Филипче, освен што потврдува дека е спремен да исполнува агенди на туѓи земји, продава и приказни за Европа и вели дека уставните измени би ги потпишал веднаш, без гаранција за Македонија дека ова е последна пречка на евроинтегративниот пат“, пишуваат од партијата во своето утринско соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ ги спомена и Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Францускиот предлог. Оцени дека тие се „печат“ на владеењето на СДСМ и дека, според нив, ја довеле државата да биде мета на уцени, блокади и билатерални спорови, а Филипче и сега од позиција на опозиција, продолжува да тврди дека тоа биле успеси.

„По Заев и Ковачевски, Филипче е третиот во низата од СДС, кој е подготвен да прави национални отстапки, затоа што единствена константа во СДС е борбата за власт, а во моментов со Филипче и за опстанок. Додека од Бихаќка ја продаваат приказната за европска ориентација, паралелно се обидуваат да ги контролираат критиките на нивните социјалните мрежи, и да создадат некој впечаток дека нивниот ‘проевропски наратив’ е конзистентен со нивните постапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата упати и обвинувања за, како што велат, „проруски релации“ на СДСМ.

„Тука се примерите со Онишченко, на кого Заев и Филипче му дадоа македонско државјанство, Борче Марковски, почесен конзул на Белорусија во земјава, земја блиска до руската политика, кој доби 77 тендери од владата на СДС, како и Миодраг Давидовиќ Дака, за кој еден ден по формирањето на владата во 2020 година, менуваа ДУП во Тетово за проект во вредност од 200 милиони евра. Филипче се продава и на домашна и на меѓународна сцена, по телевизиски настапи се однесува како да седнал во премиерска фотелја , а не како да е опозиција и пред исчезнување од политиката, и како само тој да е едниствениот кој го знае патот до ЕУ, додека СДС секој ден губи гласови, за што една од причините е и релативизирање на македонскиот идентиет како и предавничките политики, и со ова темпо, за брзо време, ќе стане маргинализирана партија“, се наведува во партиското соопштение.