Заборавете на Санторини и летниот метеж, бидејќи американските медиуми го препорачуваат најголемиот хрватски остров како совршена медитеранска оаза.
Го истакнуваат како дестинација што нуди тиркизно море и недопрена природа, успешно избегнувајќи ги замките на масовниот туризам.

Да се најде плажа на Медитеранот која во екот на сезоната не е преполна со туристи стана вистински предизвик, но Црес се покажува како исклучок. Станува збор за остров со импресивни пејзажи и неверојатно чисто море, кој ја зачувал својата автентичност и мир.

Скриени заливи и кристално море
Црес е најголемиот хрватски остров по површина, но има помалку жители од самиот град Хвар. Тука нема луксузни ресорти и бурен ноќен живот карактеристичен за познатите европски дестинации. Наместо тоа, на посетителите им нуди шумовити ридови, стари камени села и спокој, под будното око на белоглавите мршојадци што надлетуваат над карпите, пишува американскиот портал „Islands.com“.
Хрватска е позната по најчистото море во Европа, а каменестите плажи на Црес најдобро го потврдуваат тоа. Странските медиуми посебно ја истакнуваат плажата Свети Иван, под селото Лубенице, препознатлива по тиркизната боја на морето и изолираноста. До неа води стрмна пешачка патека долга околу 50 минути, а иако спуштањето бара труд, наградата е капење на локација каде што речиси и нема метеж.

За оние кои бараат полесен пристап, се препорачува плажата Ковачине, сместена недалеку од самиот град Црес. Таа нуди угостителски објекти, тушеви и црвен светилник идеален за набљудување на зајдисонцето, а и покрај поголемиот број посетители, секогаш има доволно простор за опуштање.

Природата пред луксузот
За да се зачува ваквиот мир, до Црес треба да се вложи малку труд во патувањето, а најчест избор е траектната линија од Валбиска на Крк. Поголемиот дел од островјаните живеат во градот Црес, каде што се истакнуваат древната градска порта и ренесансната палата Моисе.

Сите кои бараат уште поизолиран одмор можат да изберат кампови или приватно сместување во живописни села како Бели.

Ова населено место воедно е дом на центар за закрепнување на белоглави мршојадци, што го прави одлична дестинација за љубителите на дивиот свет кои наместо бетонизација и луксузни ресорти избираат недопрена природа.












