Гаши на регионална конференција: Демографските предизвици бараат долгорочни политики

Макфакс

08/05/2026

12:26

127

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, учествуваше на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност, организирана од Владата на Република Северна Македонија во соработка со UNFPA.

На вториот ден од работата на конференцијата, претседателот одржа говор во кој ја истакна важноста од третирањето на демографските предизвици како стратешки приоритет за долгорочниот развој на државата, потенцирајќи ја улогата на Собранието во креирањето одржливи и инклузивни политики.

„Кога велам демографска одржливост, не мислам на демографијата како статистичко прашање, туку како директен показател за виталноста на државата, економската стабилност и општествената кохезија.

Поради тоа, во Националната развојна стратегија 2024-2044, усвоена од Собранието, демографијата е поставена во центарот на креирањето политики, како една од шесте клучни стратешки области.

Ова не е случајно, туку претставува одговор на реалностите што ги споделуваме со мнозинството земји од регионот и Европа. И нашата држава се соочува со јасни и предизвикувачки трендови: стареење на населението, намалување на наталитетот, намалување на работната сила, миграција на младите и концентрација на населението во урбаните средини. Овие структурни трансформации имаат директни импликации врз пазарот на труд, пензискиот систем, здравството и самата одржливост на економскиот развој“.

Во овој контекст, Гаши истакна дека улогата на Собранието е клучна и незаменлива, и како законодавна институција која ја изготвува рамката за долгорочни политики, и како механизам за надзор кој гарантира нивно ефикасно спроведување.

„Неговата улога како демократски форум е да изгради одржлив политички и социјален консензус за стратешките интереси како што е демографијата, кои мора да ги надминат изборните интереси“.