Сиљановска-Давкова: „Генералка Викенд“ треба да стане генералка 365 дена

Макфакс

08/05/2026

13:59

219

Големина на фонт

а а а

За претседателката „Генералка Викенд“ треба да прерасне во ,,Генералка 365 дена”.

„Секој ден да го почнуваме вака, имитирајќи ги Јапонците кои прво зачистуваат таму каде што живеат, а кога се овде, дури и околу нашите згради, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на животот!“, порача таа на отворањето на годинешната националната акција за чистење на отпад „Генералка викенд 2026“.

Говорејќи за односот на човекот кон природата, таа потсети на делото „Природен договор“ на францускиот филозоф Мишел Сера во коешто се истакнува дека човештвото мора да склучи пријателски договор со планетата Земја и да ја третира како рамноправен партнер.

Според неа, човекот наместо да живее во хармонија со природата, влегува во судир со неа, нарушувајќи ја природната рамнотежа и чекорејќи кон самоуништување. Таа додаде дека ваквите иницијативи претставуваат важен потсетник за потребата од промена.

Сиљановска-Давкова го спомена неодамнешниот настан во нејзиниот Кабинет, чијашто цел беше да се поттикнат наставата и учењето во природа.

На градоначалникот на Скопје, му предложи да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ан Идалго која неколку париски улици трансформираше во зелени површини. „Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да озелени, ама претходно треба да го исчистиме“, порача претседателката.

Во денешното чистење на брегот на реката Вардар, во организација на Град Скопје во соработка со „Генералка викенд“ учествуваа 8 екипи распоредени од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“, на северната и јужната страна на Вардар.

Во соработка со претпријатијата „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, во акцијата за чистење на кејот на Вардар учествуваа волонтери од приватни компании и институции, како и средношколци и студенти.

„Генералка викенд 2026“ ќе се одржи од 8-10 мај во 80 општини низ целата држава на повеќе од 500 локации.