„SPAR“ пристигнува во Македонија: Што треба да знаете за еден од најголемите светски синџири маркети?

Точка

07/05/2026

22:39

1.192

Големина на фонт

а а а

„SPAR“ е еден од најпознатите светски синџири на супермаркети, со потекло од Холандија. Брендот е основан во 1932 година од холандскиот трговец на големо Адријан ван Вел, првично под името „DESPAR“.

Идејата била независни трговци и трговци на големо да работат заедно под еден бренд, за да бидат поконкурентни на големите синџири. Подоцна името било скратено во „SPAR“, а меѓународната експанзија започнала по Втората светска војна.

Денес „SPAR“ не е класичен синџир во кој една компанија ги поседува сите маркети низ светот. Тој функционира како меѓународна лиценцна и партнерска мрежа, во која локални компании работат под брендот „SPAR“. Токму овој модел е една од причините за неговото ширење: брендот е глобален, но продавниците се приспособуваат на локалниот пазар, навиките на купувачите и домашните производители.


„SPAR“ е присутен во повеќе од педесет земји ширум светот, а според официјалните податоци за 2024 година, глобалната малопродажна продажба изнесувала 49,26 милијарди евра, со продавници што секојдневно опслужуваат околу 14,7 милиони купувачи. Додека еден од најсилните регионални оператори е „SPAR Austria Group“, кој во 2024 година остварил 21,4 милијарди евра продажба и 255 милиони евра добивка пред оданочување. Важно е да се нагласи дека ова е вкупна продажба на глобалната „SPAR“-мрежа, а не профит на една централна компанија.

„SPAR“ е присутен на пазари во Европа, Африка, Азија и Австралија. Меѓу земјите во кои работи се: Австрија, Италија, Германија, Франција, Шпанија, Ирска, Холандија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Албанија, Косово, Јужна Африка, Индија, Кина, Австралија и други. Официјално, брендот е присутен на четири континенти.


„SPAR“ е познат по неколку формати на продавници. „SPAR Express“ е помал формат за брзо и секојдневно купување, често на фреквентни локации. SPAR е класичен супермаркет, EUROSPAR е поголем супермаркет, а „INTERSPAR“ е хипермаркет со поширок асортиман.

Во Македонија, „SPAR“ својот прв маркет ќе го отвори во Џевахир Мол и „INTERSPAR“ во комплексот „Retail Fresh Store“ во Скопје. Со тоа Македонија станува дел од пошироката регионална експанзија на брендот, кој е веќе е присутен во земји како Албанија, Косово, Хрватска и Словенија.


Карактеристики на брендот „SPAR“

Една од најважните карактеристики на „SPAR“ се сопствените брендови. На различни пазари тие се продаваат под линии како: „SPAR Own Brand“, „SPAR N°1 Value“, „SPAR Natural“, „SPAR Daily“, „SPAR Premium“, „SPAR Vital“, „SPAR Natur*pur“, „SPAR free from“ и „S-BUDGET“. Овие линии покриваат производи за секојдневна употреба, поевтини производи, органска храна, производи за здрава исхрана, премиум производи и производи за луѓе со нетолеранција на одредени состојки.

Посебно е познат и по тоа што се приспособува на локалниот пазар. Тоа значи дека во една земја може да има повеќе домашни производители, локални специјалитети и регионални брендови, додека во друга земја акцентот може да биде на готова храна, органски производи или економична приватна марка.


Во делот на здравата и специјализирана храна, „SPAR“ развива линии како „SPAR Natural, со производи за вегани, вегетаријанци, органска храна, производи без глутен, без пченица, без млечни производи, без лактоза и без шеќер. Тоа го позиционира брендот и како синџир што се обидува да одговори на современите навики на купувачите.

„SPAR“ е познат и по приватните марки со пониска цена, како „SPAR N°1 Value“ и „S-BUDGET“, кои се наменети за купувачи кои бараат основни производи по попристапни цени. Од друга страна, линиите како „SPAR Premium“ се насочени кон купувачи што бараат поквалитетни или поспецијални производи.

Заклучно, „SPAR“ е познат по свежа храна, сопствени брендови, локално приспособена понуда, различни формати на продавници, органски и здрави линии, економични производи и голем избор за секојдневно купување.