Левица: Фотоволтаиците открија колапс на електроенергетскиот систем, предлагаме интервентни мерки за стабилизација

Макфакс

08/05/2026

14:13

236

Големина на фонт

а а а

Постоечкиот електроенергетски систем не е подготвен да се справи со зголеменото производство на електрична енергија од фотоволтаици, велат од Левица.

Споед партијата, производството од фотоволтаици е променливо и непредвидливо, пред сѐ затоа што зависи од временските услови и од нивното управување од човечки фактор. Наместо да се направи адаптација на системот, смета Левица, институциите дозволија да се приклучуваат сѐ повеќе и повеќе нови капацитети без соодветно планирање со што ја доведуваат во прашање стабилноста на електроенергетскиот систем.

„Дополнително, постоечкиот двотарифен систем за домаќинствата е застарен и финансиски штетен за ЕЛЕМ. Денес имаме намалена потрошувачка на електрична енергија во текот на денот наместо навечер, како што беше во минатото кога овој систем е воведен. Во случај на сончеви денови операторот се соочува со апсурдни ситуации затоа што се јавува потреба фотоволтаици во текот на денот да се исклучат од електричната мрежа или операторот мора да ги плати од буџетот на потрошувачите за да се компензира регулацијата на нивната произведена енергија. Од друга страна државните производители неусогласено доплнително инјектираат електрична енергија која нема кој да ја потроши. Ова предизвикува пренапони и непредвидено оптоварување на преносната опрема, создава можности за дефекти и испади на електроенергетскиот систем. Исклучувањето на фотоволтаичните централи од мрежа не го решава проблемот, бидејќи производството не е оптимизирано“, велат од Левица.

Од таму предлагаат итна набавка на батериски системи за складирање на вишокот произведена електрична енергија како краткорочно решение; започнување на градба на државна реверзибилната хидроцентрала Чебрен со што на долг рок би се решил проблемот со вишокот на електрична енергија; воведување на повеќетарифен систем (зимски и летен со повеќе часовни блокови како и сончева тарифа) за усогласување на производството со побарувачката; гасификација на ТЕЦ Неготино, со ова би се овозможила поголема флексибилност на системот и конечно ставање во функција на овој енергетски капацитет кој денес единствено служи како место за партиски вработувања и реорганизација на ЕЛЕМ и поставување на стручни раководни лица во делот на оптимизација на микс на производството со цел да се воведе ред и фирмата да почне да прави профит наместо да тоне во долгови.