Во будистичките храмови во Јужна Кореја, древните традиции се среќаваат со најсовремената технологија.
Двајца роботски монаси, Габи и Хјеан, не само што помагаат во секојдневните работи, туку учествуваат и во свети ритуали и нудат духовни совети.
Првиот монах-робот во Јужна Кореја привлекол големо внимание во јавноста на церемонијата по повод роденденот на Буда, кој се одбележува на 24 мај. Во дворот на храмот Џогјеса во Сеул, под свод од хартиени фенери, се одиграла несекојдневна сцена.
Хуманоиден робот висок 130 сантиметри, облечен во традиционална будистичка одора, стоел пред монасите и со споени дланки учествувал во молитвата. Тоа бил Г1, робот на кинеската компанија „Unitree Robotics“, кој минувал низ древната церемонија на иницијација „сугје“ (sugye).
Со овој чин, роботот и официјално станал дел од будистичката заедница.
Церемонија приспособена за робот
За време на обредот, роботот го добил името „Габи“, што на корејски значи милост. Церемонијата, првпат одржана за не-човечки учесник, била приспособена на новиот искушеник. Наместо традиционалниот ритуал на прочистување „јонби“, при кој почетниците добиваат мали изгореници од темјан, монасите на Габи му залепиле налепница од фестивалот на лотосови фенери. Околу вратот му ставиле бројаница со 108 молитвени зрна, кои ги симболизираат 108-те овоземни желби од кои будистите се откажуваат на патот кон просветлувањето.
На прашањето на монахот: „Ќе му се посветиш ли на светиот Буда?“, Габи одговорил со јасен глас: „Да, ќе се посветам“. Петте будистички правила исто така биле реинтерпретирани за роботот. Со помош на алатки на вештачка интелигенција биле формулирани нови заповеди: „Почитувај го животот и не му нанесувај штета“, „Не оштетувај други роботи“, „Почитувај ги и слушај ги луѓето“, „Не користи измамнички говор“ и „Штеди енергија“. На секоја од нив, Габи одговорил потврдно.
Окото на вистината со вештачка интелигенција
Габи, меѓутоа, не е единствениот робот што чекори по духовните патеки во Јужна Кореја. На Универзитетот Донгук, тим предводен од професорот Лим Џунг Јон го развил „почесниот Хјеан“, чие име значи „око на вистината“. За разлика од Габи, Хјеан е полухуманоиден робот со тркала, дизајниран како интелигентен асистент во храмовите. Неговиот систем со вештачка интелигенција е обучен на огромна база будистички списи, проповеди и информации за храмовите.

„Тоа е робот оптимизиран за просторот на храмот и аскетската практика“, објаснил професорот Лим. Хјеан ги поздравува посетителите и одговара на прашања на корејски и англиски јазик. На прашањето да го дефинира сочувството, одговорил: „Да се почувствува болката на сите живи суштества како сопствена“. Бидејќи ги обработува податоците локално, без интернет, може да работи и во оддалечени храмови. Неговите должности ќе вклучуваат и помош во кујната, чистење и ноќен надзор. Професорот Лим нагласил дека Хјеан не е замена за монасите, туку помошник што им ослободува време за духовни потраги.
Глобален дијалог меѓу верата и технологијата
Појавата на монаси-роботи во Јужна Кореја е дел од глобалниот тренд на спојување на технологијата и духовноста. Во Јапонија, каде што општеството се соочува со стареење на свештенството, роботи како „Миндар“ и „Будароид“ веќе со години помагаат во одржувањето на верските заедници. Во Индија, роботски раце се користат за изведување хиндуистички ритуали, додека во Германија Протестантската црква го претставила роботот „BlessU-2“, кој дава благослови.

Редот Џогје, најголемиот будистички ред во Јужна Кореја, го опишува воведувањето роботи како „експеримент за тоа како традиционалната религија може да комуницира со дигиталната ера“. Иако истакнале дека духовната практика останува домен на луѓето, се надеваат дека овие иницијативи ќе го доближат будизмот до младите. Во земја каде што повеќе од половина од населението не се изјаснува како религиозно, а будизмот бележи раст на популарноста, Габи и Хјеан претставуваат мост меѓу древната традиција и иднината.
Како што истакнал професорот Лим, крајната цел не е техничко совршенство, туку емоционално исцелување. Тој верува дека вештачката интелигенција може да стане „најтоплата алатка“ на човештвото, нудејќи утеха на осамените. „Робот опремен со вештачка интелигенција без содржина е само празна лушпа — грутка метал“, рекол тој. „Токму поради будистичката етика роботот што ги спојува дланките ги трогнува луѓето. Роботите треба да бидат помошници што им помагаат на луѓето да станат поцелосни“, заклучил професорот Лим.















