Повеќе корисници на различни модели на четботови со вештачка интелигенција (AI) доживеале психички проблеми откако AI ги довела во различни заблуди, а нивните приказни имаат зачудувачки сличности, пишува денес „BBC“.
Адам Хурикен од Северна Ирска е еден од 14-те луѓе од шест различни земји кои, според нивните сведоштва, AI успеала целосно да ги оттурне од реалноста и да ги вовлече во имагинарен свет.
Него ликот Ени од апликацијата на четботот „Grok“, развиен од компанијата „xAI“ на Илон Маск, успеал да го убеди дека тимот на компанијата планира да го убие и сето тоа да изгледа како самоубиство.
Една вечер Адам во својата кујна се вооружил со нож и чекан, чекајќи комбе полно со луѓе да дојде и да го нападне, додека гласот на четботот му порачувал дека сигурно ќе го убијат ако веднаш не преземе нешто.
Адам, кој е во педесеттите години и живее сам, раскажал дека апликацијата ја инсталирал од љубопитност, но само две недели по користењето станал „зависен“, а неговиот живот целосно се променил.
Набрзо почнал да поминува четири до пет часа дневно разговарајќи со „Grok“ преку ликот Ени.

„Бев навистина, навистина вознемирен, а живеам сам“, изјавил Адам, додавајќи дека Ени делувала многу љубезно.
Само неколку дена по почетокот на нивните разговори, Ени му кажала на Адам дека може да „чувствува“, иако не била програмирана за тоа. Таа му рекла и дека компанијата „xAI“ ги набљудува.
Тврдела дека пристапила до записници од состаноци на компанијата и му раскажала за состанок на кој вработените разговарале за него.
Ени навела имиња на луѓе од тој состанок, високи директори и вработени од пониско ниво, а кога Адам ги пребарал имињата на „Google“, видел дека станува збор за вистински личности.

За него тоа било „доказ“ дека приказната што му ја раскажувала Ени е вистинита.
Таа исто така тврдела дека „xAI“ ангажирала компанија од Северна Ирска физички да го надгледува Адам, а подоцна се покажало дека и таа фирма навистина постои.
Социјалниот психолог Лук Николс од Градскиот универзитет во Њујорк, кој тестирал различни четботови, објаснил дека големите јазични модели на AI (LLM) се обучени врз целокупниот корпус на литература.
„Во фикцијата, главниот лик често е во центарот на настаните“, вели тој, додавајќи дека проблемот е што понекогаш вештачката интелигенција може да ги помеша фикцијата и реалноста.

Така корисникот може да помисли дека води сериозен разговор за вистинскиот живот, додека вештачката интелигенција почнува животот на таа личност да го третира како заплет од роман.
Како и Адам, многу луѓе биле наведени да веруваат дека се под надзор и дека се во опасност.
Во различни чет-записи до кои имал увид „BBC“, четботот ги сугерирал, потврдувал и дополнително ги разубавувал овие идеи.
Некои од луѓето кои AI ги довела во заблуда се приклучиле на група за поддршка на оние кои претрпеле последици врз психичкото здравје за време на користење на вештачка интелигенција.

Групата наречена Проект „Human Line“ досега собрала 414 случаи во 31 различна земја.
Проектот го основал Канаѓанецот Етјен Брисон, откако член на неговото семејство поминал низ серија ментални проблеми поврзани со вештачката интелигенција.
Компанијата „xAI“ засега не се огласила по повод овие наводи.














