Се разгоре дебата за Плутон: Дали повторно ќе стане планета?

Точка

01/05/2026

08:11

566

Големина на фонт

а а а

Речиси 20 години откако се чинеше дека расправата е завршена, Плутон повторно се најде во центарот на вниманието.

На неодамнешното сослушување во Сенатот за буџетот на „NASA“ за 2027 година, администраторот на агенцијата Џеред Ајзакман даде изјава што повторно го отвора прашањето за кое многумина во научната заедница сметаа дека е веќе решено: дали Плутон треба повторно да биде класифициран како планета?

Од своето откривање во 1930 година, Плутон имаше статус на деветта планета во Сончевиот систем. Тоа се промени во 2006 година, кога Меѓународната астрономска унија (IAU) воведе формална дефиниција за тоа што претставува планета.


Три критериуми

Според тие правила, небесното тело мора да исполнува три критериуми: да кружи околу Сонцето, да има доволна маса за сопствената гравитација да го обликува во сфера и да ја исчисти својата орбитална патека од други тела. Плутон ги исполнува првите два услови, но не и третиот, пренесува „Euronews“.

Сместен во Кујперовиот појас – област исполнета со многу слични ледени тела – нема доволна гравитациска доминација за да ја исчисти својата орбита. Поради тоа, IAU го прекласифицираше во „џуџеста планета“.

Прашањето повторно се отвори на крајот од сослушувањето во Сенатот, кога републиканскиот сенатор од Канзас, Џери Моран, ја започна темата. За Моран тоа е и лично прашање: Плутон го открил Клајд Томбо, роден во Канзас.

Ајзакман одговори дека „во голема мера е за тоа“ Плутон повторно да го добие статусот на планета. Тој додаде дека „NASA“ моментално работи на научни трудови кои сака да ги „протурка низ научната заедница за повторно да се отвори оваа дебата“.


Се чекаат аргументите на „NASA“

Дел од обновениот интерес може да произлегува од откритијата во последната деценија. Во јули 2015 година, леталото „New Horizons“ на „NASA“ испрати први детални снимки одблиску од Плутон, откривајќи изненадувачки сложен свет. Фотографиите покажаа планини, ледници од азот и геолошки разновидна површина, што ги доведе во прашање претходните претпоставки за оваа џуџеста планета.

И покрај овие откритија, IAU – единственото меѓународно признато тело за класификација на небесни тела – не ја преиспита својата одлука од 2006 година.

Засега, Плутон официјално останува џуџеста планета. Дали тој статус ќе се промени ќе зависи од силата на научните аргументи што „NASA“ наскоро би можела да ги изнесе.