Норвешка: Откриено закопано богатство од периодот на Викинзите

Точка

04/05/2026

16:01

418

Големина на фонт

а а а

Во југоисточна Норвешка е откриен локалитет со вредни сребрени монети од времето на Викинзите, кој според досегашните анализи се смета за најголемо такво наоѓалиште во историјата на земјата, соопштија денес археолозите.

На локалитетот во близина на местото Рена, во областа Естердален, досега се пронајдени вкупно 3.150 сребрени монети, кои потекнуваат од периодот меѓу 980 и 1050 година, односно од времето на Викинзите, пишува „Der Spiegel“.

„Ова е целосно уникатно откритие, нешто што веројатно се доживува само еднаш во кариерата“, изјавила археологинката Меј-Туве Смисет.


Најголемиот дел од пронајдените монети потекнуваат од Германија и Англија, додека некои се изработени во Данска и Норвешка.

Меѓу нив има и монети ковани за време на владеењето на кралот на Англија и Норвешка, Кнут Велики (994 – 1035), кралот на Англија Етелред Неподготвениот (968 – 1016), германскиот крал Отон III (980 – 1002) и Харалд III Строгиот (1015 – 1066).


Експертите наведуваат дека Норвешка околу 1000 година немала сопствен монетарен систем, па во оптек главно биле странски монети, што се променило дури за време на владеењето на Харалд III (1046 – 1066). Се претпоставува дека богатството било закопано токму во тој период.


Планирани се дополнителни археолошки истражувања за да се утврди дали на локалитетот има уште скриени монети, како и дали постојат траги што би можеле да објаснат зошто богатството било закопано.

Локалитетот е привремено затворен за јавноста поради заштита.