Свршеникот ѝ признал убиство: Вистинската приказна зад хит-серијата на Нетфликс

Точка

02/05/2026

16:11

490

Големина на фонт

а а а

Што би направиле кога личноста која ја сакате би ви признала дека убила човек? Лесно е да се каже дека би постапиле рационално и морално, но новата документарна серија на Нетфликс, „Should I Marry a Murderer?“, покажува како во вистинскиот живот љубовта сè комплицира.

Триделната серија на режисерот Џош Алот, која на стриминг-сервисот пристигна на 29 април, ја носи неверојатната вистинска приказна за Каролин Муирхед, жена која ја открила мрачната тајна на мажот за кого за малку ќе се омажила. Серијата содржи ексклузивни интервјуа со Каролин, нејзините пријатели и семејството, како и со адвокатите и истражителите вклучени во случајот, пишува „Netflix Tudum“.

„Ја истражуваме моралната дилема во срцето на оваа приказна. Дали ќе одлучите да ја чувате тајната и да живеете со последиците или ќе ја откриете и ќе ја уништите личноста која ја сакате?“, изјави Алот.

Љубов преку Тиндер и брза свршувачка

Приказната почнува на почетокот на пандемијата во 2020 година. Д-р Каролин Муирхед, 32-годишна форензичка патологинка од Глазгов, закрепнувала од насилна врска. Во потрага по нов почеток, на Тиндер го запознала навидум идеалниот ерген, 31-годишниот ловец Александер „Сенди“ Мекелар, пренесе „Time“.

По првиот состанок во Шкотските висорамнини во октомври 2020 година, врската се развивала со молскавична брзина. „Замислете да се вљубите во некого кој ве направил да се чувствувате прифатено, посакувано, целосно и сакано“, вели Каролин во серијата. Само неколку месеци подоцна, Сенди ја запросил, а таа и покрај загриженоста на пријателите и семејството, радосно прифатила.

Кобната исповед

Во пресрет на свадбата, Каролин од својот свршеник побарала целосна искреност. „Ако ќе се венчаме, мора да ми кажеш сè на што си горд, но и сè на што не си“, му рекла таа. Нејзиното барање довело до шокантно признание. Кон крајот на ноември 2020 година, додека покрај нив минувал полициски автомобил, Сенди доживеал напад на паника и почнал да плаче.


Ѝ признал дека три години претходно, на 29 септември 2017 година, возејќи пијан удрил и усмртил велосипедист. Во паника, тој и неговиот брат близнак Роберт, кој бил со него во автомобилот, го закопале телото на својот имот. „Бев во шок, речиси замрзната. Човекот со кој мислев да го поминам остатокот од животот штотуку ми кажа дека е убиец“, се присетила Каролин.

Ноќта на злосторството и жртвата Тони Парсонс

Жртвата бил Тони Парсонс, 63-годишен поранешен офицер на Кралската морнарица и дедо, кој бил среде хуманитарна велосипедска тура од 100 милји за да ја прослави победата над ракот на простата, пренесе Би-би-си. Таа дождлива ноќ, на 29 септември 2017 година, по кратка пауза во хотелот „Bridge of Orchy“, Парсонс го продолжил патот.


На патот A82, во него со својот пикап удрил пијаниот Сенди Мекелар. Наместо да повикаат помош, браќата го оставиле тешко повредениот Парсонс да умре. Подоцна било утврдено дека неговите повреди биле толку тешки што без помош би преживеал само 20 до 30 минути, што значи дека постоела шанса да биде спасен.

Прикривање на злосторството

По несреќата, браќата Мекелар се вратиле на местото на злосторството, ги зеле телото на Парсонс и велосипедот и ги скриле на својот огромен имот. Телото го закопале во јама за животински лешеви, а велосипедот го скриле зад водопад, каде што никогаш не бил пронајден.

Ги уништиле сите докази, вклучувајќи ги мобилниот телефон и паричникот на Парсонс, а оштетениот пикап го поправиле со изговор дека удриле елен. Исчезнувањето на Парсонс покренало голема потрага, но неговото тело не било пронајдено цели три години — сè додека Каролин не ја дознала вистината.

Тајна мисија и соработка со полицијата

По признанието на Сенди, Каролин се нашла во незамислива ситуација. „Бев на приватен имот со човек кој штотуку призна дека убил некого. Се плашев да заминам“, рекла таа. Истражувајќи на интернет, открила дека исчезнатиот велосипедист е Тони Парсонс.

Кога Сенди ја замолил да му помогне да го премести телото, бидејќи на тој дел од имотот била планирана градба, Каролин сфатила дека мора да дејствува. Тајно го означила местото на гробот со лименка Ред Бул и сè пријавила во полиција. Еден месец собирала дополнителни информации, тајно снимајќи ги разговорите на браќата, пред на 27 декември 2020 година да оди во полиција.

На нејзин шок, Сенди и Роберт биле уапсени и набрзо пуштени поради недостиг на докази. Тогаш за Каролин почнал деветмесечен кошмар. Ја продолжила врската со Сенди, глумејќи дека не знае ништо за истрагата, додека цело време соработувала со полицијата за да соберат доволно докази за покренување обвинение. „Очекував дека ќе бидат задржани во притвор, но повторно се најдоа во мојот живот“, објаснила Каролин.


„Оставена на цедило“

Каролин тврди дека во тој период била изложена на огромен притисок и дека од полицијата не добила соодветна поддршка. „Од самиот почеток полицијата велеше дека, ако не соработувам со нив и самата би можела да западнам во проблеми“, изјавила таа за „Daily Record“.

Поради стресот почнала да користи алкохол и дрога, а нејзиното ментално здравје толку се влошило што повеќе не можела да работи како форензичка патологинка.

„Штом ќе им го дадете тоа што го сакаат, ве оставаат на цедило“, изјавила таа, додавајќи дека полицијата ѝ сугерирала да продолжи да ги снима браќата. Поднела повеќе жалби против шкотската полиција, но повеќето биле отфрлени. Нејзиниот адвокат Пол Кавана изјавил: „Без неа, обвинителството немаше да има доволно докази за судење. Таа беше апсолутно клучна за случајот“.

Судење и пресуда

Телото на Тони Парсонс било пронајдено во јануари 2021 година благодарение на дојавата на Каролин. Браќата Мекелар конечно биле обвинети за убиство во декември 2021 година. Во јули 2023 година, непосредно пред почетокот на судењето, Александер „Сенди“ Мекелар ја признал вината за убиство од небрежност и бил осуден на 12 години затвор. Неговиот брат Роберт бил осуден на пет години и три месеци затвор поради попречување на правдата.


„Никогаш нема да им простиме“, порача семејството на Тони Парсонс. Адвокатот на Сенди изјавил дека тој „никогаш не ѝ се лутел“ на Каролин што го пријавила и дека „прифаќа дека таа ја донела исправната одлука“.

Живот по траумата

По сè што се случило, Каролин се преселила покрај море, престанала да пие и се насочила кон обнова на својот живот. Денес е во нова, здрава врска. „Дури сега конечно сум на место каде што се чувствував доволно силна за да ја раскажам својата приказна“, изјавила за Нетфликс. „Се надевам дека, зборувајќи отворено, ќе можеме да започнеме искрен разговор за поголема заштита на жртвите и сведоците“ додала таа.


„Снимањето на документарецот значеше повторно преживување на најмрачните моменти и ништо од тоа не беше лесно. Но, исто така, тоа беше и ослободително искуство. Првпат по неколку години имам надеж за иднината“, заклучила Каролин.