„Лесно е да се каже кога заработуваш милиони“: Познатата актерка предизвика бура на социјалните мрежи со „ужасниот совет за кариера“

Точка

01/05/2026

13:10

473

Големина на фонт

а а а

Актерката Емили Блант, една од ѕвездите на филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, ги разгневи сите на социјалните мрежи поради советот што им го даде на сите жени кои моментално не се задоволни од својата работа.

Британската актерка Емили Блант се најде на мета на критики на социјалните мрежи поради својот совет за кариера, поради кој многумина ѝ порачаа дека нема допир со реалноста.

Актерката моментално го промовира филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, а во претходниот дел глумеше преоптоварена асистентка на главната уредничка на моден магазин, која често покажува дека не е баш презадоволна од својата работа.


Во најновото интервју за „Betches“ се осврна на сцената во која нејзиниот лик Емили ја повторува реченицата: „Ја сакам својата работa, ја сакам својата работa, ја сакам својата работa“ додека се бори да одговори на барањата на својата шефица.

Од излегувањето на оригиналниот филм, истата сцена стана вирална, која вработени луѓе ширум светот ја користат за да ја опишат преоптовареноста на работа.

Кога за време на интервјуто ја прашале да сподели совет „за жени кои моментално ја мразат својата работа“, Емили Блант најпрво рекла: „Дајте отказ... не“, а потоа додала: „Едноставно пронајдете нешто што навистина сакате да го работите. Дури и ако не заработувате пари, сè додека ја сакате таа работа, ќе бидете среќни“.


Иако актерката веројатно имала добра намера и сакала да ги охрабри своите обожавателки да ги напуштат токсичните работни средини и да ги следат своите соништа, многумина нејзината изјава ја протолкувале на поинаков начин, велејќи дека станува збор за „ужасен совет за кариера“.

Некои истакнаа дека на актерката, чие богатство се проценува на 80 милиони долари, ѝ е лесно да зборува бидејќи тоа го прави од привилегирана позиција.

На социјалните мрежи се редат коментари дека на богатите луѓе им е лесно да зборуваат вакви работи, дека парите не се важни.

„На богатите луѓе ова им е толку лесно да го кажат“, „Лесно е да се каже кога добиваш милиони за да го работиш тоа што го сакаш“, „Одличен совет! Единствената маана е што среќата не купува храна или облека, ниту плаќа кирија“, „Како можеш да бидеш среќен кога си сиромашен, а треба да плаќаш сметки? Да не се грижиш за пари во оваа економија е привилегија што ја имаат богатите луѓе“, беа само дел од коментарите.


Неколку обожаватели се согласија дека актерката не дала толку лош совет, наведувајќи свои примери како се чувствувале многу подобро кога дале отказ од работа што не ги исполнувала и им предизвикувала само стрес.

„Дадов отказ и, иако знам дека тоа не е паметно и пазарот на труд е ужасен и имам дете за кое морам да се грижам, подобар родител и пријател сум без стресот од работата што ја мразев. Кожата буквално ми сјае, а редовно јадам и спијам. Вашата ментална благосостојба навистина е важна“, напишала една обожавателка.

Освен што остварила завидна кариера, Емили Блант потекнува од средна повисока класа. Нејзиниот татко е признат адвокат, а мајка ѝ Џоана Блант била актерка.

Емили од 2010 година е во брак со Џон Красински, кој исто така е познат актер.


Интересно е и тоа што нејзиниот колега од филмот „Ѓаволот носи Прада 2“, Стенли Тучи, всушност ѝ е зет, бидејќи од 2012 година е во брак со нејзината сестра Фелисити Блант.