Поради Дуа Липа пропаѓа борбата меѓу Џошуа и Фјури?

Точка

02/05/2026

11:29

504

Големина на фонт

а а а

Светската музичка ѕвезда Дуа Липа наводно ја одбила понудата да настапи на спектакуларниот боксерски меч во тешка категорија меѓу Ентони Џошуа и Тајсон Фјури. Одбивањето дошло и покрај сугестијата од главниот финансиер дека борбата би можела да се одржи само доколку таа прифати да настапи, пишуваат „Daily Mail Sport“ и „BBC“.

Потврдена борба, но со необичен услов

Турки Алалших, претседател на Генералната управа за забава на Саудиска Арабија и финансиер на настанот, потврди дека долгоочекуваниот дуел е договорен и треба да се одржи кон крајот на 2026 година. „Пријатели мои во Обединетото Кралство – се случува. Потпишано е“, порача тој. Иако локацијата сè уште не е дефинирана, стадионот Вембли важи за најверојатна опција.

Сепак, Алалших, кој наводно е голем обожавател на музиката на британската пејачка, поставил необичен услов. Според промоторот Еди Херн, Алалших изјавил дека ако „Netflix“ сака да ја пренесува борбата, таа мора да се одржи во Лондон – а Дуа Липа да настапи. „Тоа не е барање на ниту еден борец, ниту мое“, изјави Херн за „Knockout“. „Одлуката е на Турки Алалших.“ Не е јасно дали изјавата била сериозна или шеговита.

Според „BBC“, трикратната добитничка на наградата „Grammy“ во меѓувреме била контактирана и ја одбила понудата да учествува во промоцијата на мечот. Триесетгодишната пејачка е најпозната по хитовите „New Rules“, „Don’t Start Now“ и „Levitating“.


Враќање на Џошуа во рингот по трагедија

Ентони Џошуа треба да се врати во боксот на 25 јули во Ријад против Албанецот Кристијан Пренга. Тоа ќе биде негов прв меч по сообраќајната несреќа во Нигерија во декември, во која загинаа двајца негови блиски пријатели и членови на тимот – Сина Гами и Латиф Ајоделе.

„Не е тајна дека ми требаше време да се соземам и да се опоравам за да бидам подготвен за враќање во рингот, а денешниот ден е следниот чекор на тој пат“, изјави Џошуа. „Возбуден сум што договорив повеќе борби, почнувајќи од 25 јули во Кралството Саудиска Арабија. Сакам да се натпреварувам и да продолжам таму каде што застанав. Како што реков – шефот доаѓа да си го наплати своето. Тоа е сигурно.“ И тој и неговиот промотор Еди Херн говореа за психолошкиот товар што несреќата го оставила врз него.


Предизвикот на Фјури и одговорот на Џошуа

Тајсон Фјури (37) го искористи крајот на својата повратничка борба и победата над Арсланбек Махмудов за јавно да го предизвика Џошуа. „Сакам да ви ја дадам борбата што сите ја чекате“, рече Фјури. „Те сакам тебе, Еј-Џеј, Ентони Џошуа. Да им дадеме на љубителите на боксот тоа што го сакаат – Битка за Британија. Сакам да се борам со тебе следно, го прифаќаш ли предизвикот?“

Додека Џошуа, кој седеше покрај рингот, остана мирен, Фјури продолжи: „Ти си голема кукавица, сакаш ли да се бориш или не?! Овој пат нема да ми избегаш – ова се подготвува веќе 10 години, време е конечно да заиграме.“


„Netflix“ потоа објави дека ќе ја пренесува борбата наесен, но Џошуа подоцна ја намали важноста на таа најава, инсистирајќи дека е фокусиран на средување на својот живот по трагедијата.

„Ќе бидам искрен – преговорите допрва следуваат“, рече Џошуа во интервју за „Netflix“. „Многупати сум седел на оваа маса. Не сум тука да бркам слава. Договорите ќе бидат испратени и многу е веројатно дека следната борба ќе ја имам против него. Тој е тој што се повлече. Јас сум во ова 13 години и никогаш не сум се повлекол. Јас ги договарам големите борби – тоа му го кажав. Тој работи за мене. Знам која ми е работата, но во животот ми се случуваат реални работи. Јас ја водам играта, сериозен сум борец и многу сум силен.“