Пекинг чува тајно богатство: Вака Кина планира да владее со светот, а податоците се главното оружје

Точка

27/04/2026

21:00

386

Големина на фонт

а а а

Податоците се суровина на иднината, а Кина е шампион во нивното масовно собирање. Тоа важи и за приватните податоци на граѓаните, но и за оние клучни за индустријата. Европските компании затоа се на „тенок мраз“ во Кина.

Кој оваа недела го посетил огромниот индустриски саем во Хановер, најголемиот во светот, со воодушевување ги гледал роботите управувани од вештачка интелигенција (AI). Тие се ракуваат, одговараат на прашања на многу јазици, па дури и заваруваат метал.

Но вистинскиот хит на саемот посетителите не можеле ниту да го видат ниту да го допрат. Тие се скриени на серверите.

Во прашање се податоците, како суровина на иднината. Многу брзо тие ќе одлучуваат за пазарните натпревари, можеби и за тоа која држава ќе биде богата, а која ќе заостанува.


Државата ги црпи податоците

Кина масовно собира и приватни податоци. Секој граѓанин врз основа на нив добива своја „оценка“. Тој систем на „социјален кредит“ официјален Пекинг го оправдува со желбата да се внесе повеќе морал и чесност во општеството, како и борба против измами и корупција.

Сега на ред се индустриските податоци. „Во последните години кинеската власт како приоритет ја постави дигиталната трансформација и ја поттикнува во областите на информациска инфраструктура, дигитална економија и интелигентно производство“, вели истражувачката Ќи Хе од Кинескиот женски универзитет во Хунан.

„Политичките структури го поддржуваат тоа со финансиски субвенции, даночни олеснувања, специјални регионални фондови за иновации и поттикнување соработка меѓу индустријата, науката и истражувањето“, додава таа.

Комунистичката технократска елита одамна ја препозна важноста на оваа тема. Уште во 2023 година е основана Национална управа за податоци. Се појавија бројни понудувачи на производи и технологии. Со таква поволна средина, Кина привлекува меѓународни истражувачи и странски инвестиции.

Но резултатите од истражувањата и податоците се под државен надзор. Веќе во 2022 година беа заострени правилата за „извоз“ на податоци надвор од Кина. „Важните податоци“ смеат да се споделуваат само со посебна дозвола, а што точно се „важни податоци“ – го одредува државата.


Податоците како моќ

Европската унија предупредува дека во последните години европските компании што работат во Кина се соочуваат со неизвесности. Поимот „важни податоци“ е лабаво дефиниран и се применува многу широко, соопштува Европската комисија.

Затоа европските инвеститори се двоумат да влезат на кинескиот пазар. „Кинескиот регулаторен пристап има за цел да воспостави суверенитет над податоците“, пишува истражувачот Џивеј Ќиан од Националниот универзитет во Сингапур.

Тоа, додава тој во својата нова книга, ги става компаниите пред огромен предизвик – како да водат глобален бизнис кога не знаат кога и кои податоци од Кина смеат да ги користат?

Политичарите и бизнис-заедницата во Кина се согласни дека податоците вредат повеќе од злато. Новиот петгодишен план предвидува проширување на автономната дигитална инфраструктура.

„Инфраструктурата за "AI" се гради масовно и сè помалку зависи од странска технологија“, вели Ребека Арчесати од берлинскиот тинк-тенк „MERICS“.

Но се случува и нешто повеќе – кинеското раководство смета дека вредноста на податоците може да се измери и да се внесе во билансите на компаниите. „Законодавецот работи на утврдување на вредноста на важните податоци“, вели еден кинески професор по право кој сакал да остане анонимен.

Државните институции наскоро би можеле да ги проценуваат податоците и да им доделуваат вредност. Банките, при одобрување кредити, би ја земале предвид тежината на компанијата не само финансиски, туку и според податоците што ги поседува.

„Компаниите би можеле, на пример, во стечајна постапка да се повикаат на вредноста на податоците што ги имаат“, додава професорот.


Германија како партнер

И на Германија ѝ се потребни податоци од Кина. Тоа особено важи за производителите на автомобили, на пример за развој на автономно возење.

Во моментов германските автомобилски брендови сè уште остваруваат профит на кинескиот пазар. Но тоа може да се намали доколку нема иновации.

Пред две години Кина и Германија се договорија да започнат дијалог за автоматизирано и поврзано возење. До 2029 година треба да се обезбеди рамноправен пристап до податоците.

Сепак, Германската индустриска и трговска комора ги предупредува компаниите дека во Кина „мораат да поминат процес на сертификација или безбедносна проверка од кинеските служби“ за да можат да користат податоци.

Европската комисија внимателно ја следи темата. „Протокот на податоци е неопходен за трговијата. Голем дел од странските директни инвестиции меѓу ЕУ и Кина зависи од способноста на компаниите да управуваат со своите податоци прекугранично“, наведува Комисијата.

Тоа особено важи за секторите како финансии, осигурување, фармацевтска индустрија, автомобилска индустрија и информациско-комуникациски технологии.