На Гибралтарската карпа, преполна со туристи, една од најчестите глетки се мајмуните макаки кои просат храна, а понекогаш успеваат и да украдат грицки од невнимателни посетители.
Научниците забележале дека мајмуните почесто јадат земја, што би можело да им помогне во спречување на стомачни тегоби по консумирање човечка храна. Утврдено е дека јадењето земја е почесто во групите кои повеќе јадат храна од туристи, вклучувајќи чоколадо, чипс и сладолед – намирници богати со шеќери, масти и млечни состојки, а сиромашни со влакна.
„Претпоставуваме дека човечката храна, која не е прилагодена на нивната природна исхрана, предизвикува стомачни проблеми и потенцијално го нарушува микробиомот, а негативните ефекти се ублажуваат со состојките од почвата“, изјави Силвен Лемоин, биолошки антрополог од Универзитетот во Кембриџ и главен автор на студијата објавена во списанието „Scientific Reports“.
Ако се спореди со луѓето, јадењето земја „веројатно делува како антацид“, додаде Лемоин, нагласувајќи дека се потребни дополнителни истражувања за да се разбере влијанието врз цревните бактерии.

Истражувачите ги следеле берберските макаки кои живеат во Гибралтар, британска територија на јужниот крај на Пиринејскиот Полуостров, помеѓу август 2022 и април 2024 година. Овие макаки – околу 230 единки во осум групи – се единствената слободна популација на мајмуни во Европа.
Мајмуните живеат во близок контакт со голем број туристи кои ја посетуваат областа. Туристите често ги хранат – или тие им крадат грицки – иако животните добиваат овошје, зеленчук и семки на официјалните хранилишта управувани од локалните власти.
Берберските макаки, кои потекнуваат од Северна Африка, најверојатно пристигнале во Гибралтар за време на средновековното маварско владеење. Подоцна станале симбол на британската контрола, според легендата дека помогнале да се предупредат војниците за изненаден напад во 18 век.

Нивната популација се намалила за време на Втората светска војна, по што британскиот лидер Винстон Черчил наредил да се донесат нови единки од Мароко и Алжир – од кои потекнува поголемиот дел од денешните макаки.
Намерното јадење земја, креда или глина се нарекува геофагија, а е присутно кај многу животински видови, вклучувајќи примати како шимпанза, лемури и други макаки.











