Мелодичното црцорење на птиците во шумата можеби ни делува смирувачки за време на прошетка, но всушност претставува високотехнолошки аларм за останатите жители на тоа подрачје.
Ново истражување открива како птиците и другите животински видови комуницираат меѓусебно, создавајќи невидлива мрежа на предупредувања длабоко во срцето на Амазонија.
Кога животните ќе забележат грабливец, испуштаат специфичен предупредувачки звук што другите жители на шумата веднаш го препознаваат. Тој сигнал се шири молскавично од крошните на дрвјата низ целата шума. Оваа поврзаност меѓу различните видови создава своевидна комуникациска мрежа, слична на интернет, преку која животните споделуваат клучни информации за потенцијални опасности. На местата каде што заканата е непосредно присутна, шумата нагло замолчува.
Експеримент со „лажна“ тревога
Научниците спровеле истражување во Амазонија користејќи дресирани птици грабливки, во соработка со искусен соколар, за да предизвикаат природни предупредувачки сигнали кај птиците и приматите. Снимените звуци потоа повторно ги емитувале во шумата за детално да ги проучат реакциите на животинската заедница.

Истражувањето покажало дека предупредувачките сигнали главно потекнуваат од мали птици, тешки помалку од 100 грама. Тие се „првата линија на одбрана“, на чии знаци се надоврзуваат и останатите животни.
Овој систем на тревога влијае врз сите нивоа на шумата — од тлото до највисоките крошни. Интересно е што малите птици веднаш замолчуваат штом почувствуваат опасност, додека животните во пониските слоеви на шумата понекогаш продолжуваат со своето вообичаено огласување додека сигналот не стигне и до нив.
Невидливата поврзаност на природата
Студијата заклучува дека во Амазонија постои комплексна, невидлива комуникациска мрежа која ја обликува не само интеракцијата меѓу животните, туку и целокупната атмосфера во шумата. Оваа меѓусебна поврзаност им овозможува на животните навреме да го приспособат своето однесување и да ја избегнат опасноста, давајќи им на научниците ново ниво на разбирање на екосистемот на тропските дождовни шуми.

Овие наоди го отвораат патот за понатамошни истражувања за меѓувидовата комуникација и нагласуваат колку звуците и тишината се пресудни за одржување на рамнотежата во животинскиот свет во Амазонија.







