Вардар го одбележа јубилејот со победа над Алкалоид

Дерби

24/04/2026

12:55

128

Големина на фонт

а а а

Вардар ја заокружи роденденската атмосфера во СЦ „Јане Сандански“ и со сигурна победа (30:27) над Алкалоид дополнително се зацврсти на првото место на табелата во плејоф фазата на македонското првенство.

Ракометарите на Алкалоид четири пати имаа минимална предност во почетните минути од гостувањето кај Вардар, но во продолжение од натпреварот не можеа целосно да му парираат на лидерот на суперлигашката табела.

„Црвено-црните“ ја преземаа резултатската иницијатива, на полувреме имаа предност од 17:14, а Алкалоид кој не можеше да смета и на неколку важни играчи, не можеше да го расипе славјето на домашните фанови.

Вардар го прослави 65. роденден на вистински начин, победувајќи во дуелот на кој неколку пати имаше и плус шест против „фармацевтите“, со што само теоретски ќе треба да ја потврди шампионската титула.

Малус со 8 голови ги предводеше стрелците во редовите на победничката екипа, на голот одличен беше Валах, додека на спротивната страна реализаторски најрасположен беше Костески со 6 погодоци.