Нема да дозволиме здравјето на граѓаните во Крива Паланка, да биде загрозено поради бизнис интересите на оваа власт, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието.
Филипче посочи дека СДСМ секогаш ќе биде на страната на интересот на граѓаните. Тој кажа дека тие имаат право да ја знаат вистината за рудникот во Кривопаланечкиот регион дека еден од потписниците на тие договори што ќе го користат рудникот е донатор во ВМРО- ДПМНЕ.
„Каква врска има во какви односи сум јас лично и какви се тие двојни стандарди и двојни односи, едни за пред камери, а едни зад камерите. Е, тоа треба да објасни градоначалникот. Ние стоиме на страната на интересот на граѓаните. Има обврска градоначалникот кога станува збор за таков проект за кој што гледаме дека зад него стојат бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ, еден од потписниците на тие договори што ќе го користат рудникот е донаторот во ВМРО – ДПМНЕ, и тоа не е ништо чудно. Сè досега е поврзано со бизнис интересите на премиерот и на оваа владејачка гарнитура. Тоа се знае. Секојдневно излегуваат информации“, рече Филипче.
Воедно, Филипче порача дека СДСМ нема да дозволи здравјето на граѓаните да биде ставено во втор план и побара вклучување на јавноста во носењето на вакви одлуки.
„Нема да дозволиме здравјето на граѓаните да биде загрозено поради бизнис интересите на оваа власт. И тоа луѓето мора да го знаат. Што треба да дозволиме таков рудник во Кривопаланечко, без да се прашат граѓаните? Иима обврска градоначалникот без разлика од која партија дали од СДСМ, дали од ВМРО ДПМНЕ, без разлика, мора да ги праша граѓаните што мислат за еден таков проект. Не е бизнис интересот и финансискиот интерес пред здравјето на граѓаните, а посебно не е бизнис интересот на оваа корумпирана и криминална власт“, рече Филипче.







