„Без интернет, но заради безбедност“: Путин ги брани исклучувањата и покрај незадоволството на граѓаните

Макфакс

23/04/2026

18:30

207

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека прекините на интернетот во Русија се неопходни од безбедносни причини, бранејќи ги мерките кои предизвикаа широко незадоволство кај јавноста, пренесе Хина.

„Не можам, а да не укажам на она што го доживуваат луѓето во големите градови. Тоа не е вообичаено, но за жал се случува. Мислам на одредени проблеми со интернетот и прекините во големите градови“, рече тој на седница на владата.

Тој додаде дека, доколку ваквите мерки се поврзани со оперативни активности за спречување терористички напади, приоритет секогаш ќе биде безбедноста на луѓето.

„Се разбира, ако тоа е поврзано со оперативна работа на спречување терористички напади, а знаеме дека, за жал, понекогаш пропуштаме такви напади, приоритет секогаш ќе биде на безбедноста на луѓето“, изјави Путин.

Минатиот месец властите во Москва го исклучија мобилниот интернет речиси три недели, а вакви блокади редовно се применуваат и во други делови од земјата, наведувајќи ризик од украински беспилотни летала кои можат да ја користат мрежата за насочување напади.

Во телевизиско обраќање, Путин порача дека државните службеници мора да покажат „снаодливост“ во пронаоѓањето решенија и да обезбедат функционирање на клучните услуги.

Исклучувањата предизвикаа критики од претприемачи, функционери и граѓани, кои се соочуваат со прекини во банкарството, транспортот и други секојдневни услуги.

Извор близок до Кремљ претходно изјавил за Ројтерс дека високи економски функционери и банкари лобирале кај Путин да ги ублажи овие ограничувања.

Путин истакна и дека однапред објавување информации за прекините на интернетот може да биде штетно, бидејќи „криминалците, на крајот на краиштата, сè слушаат и гледаат“ и би можеле да го прилагодат своето однесување и планови.