Шест знаци дека вашето дете им угодува на сите и како да му помогнете

Кармин

20/04/2026

19:09

384

Големина на фонт

а а а

Да се има љубезно и добро воспитано дете кое ги дели играчките, секогаш вели „молам“ и „благодарам“ и ретко се расправа може да изгледа како остварување на родителскиот сон.

Сепак, под таа совршена надворешност може да се крие подлабок проблем – потреба да им се угодува на другите.

Ако вашето дете постојано ги става туѓите потреби пред своите, по секоја цена избегнува конфликти или е вознемирено од можноста некого да разочара, можеби научило да ги потиснува сопствените чувства за да заслужи одобрување. Во разговор со детски психолози, „Parents“ ги истражи суптилните знаци на ваквото однесување, зошто доаѓа до него и како можете да му помогнете на детето да изгради здрави граници, а притоа да не ја изгуби својата природна емпатија.

Зошто угодувањето на другите не е безопасно?

Кога децата постојано ги ставаат туѓите чувства пред своите, можат да го изгубат контактот со сопствените потреби и желби. Со текот на времето може да почнат да веруваат дека вредат само кога им се на услуга на другите или кога ги прават среќни.

„Тоа навистина може да им ја поткопа самодовербата“, рекла Нина Вестбрук, лиценцирана семејна терапевтка. „Исто така, им отежнува да кажат ’не‘ или да се заземат за себе додека растат. Ако овој образец продолжи, во иднина може да доведе до анксиозност, прегорување или проблеми во односите“, додала таа.


Според Вестбрук, ваквите деца се поподложни на манипулација бидејќи се навикнати да постапуваат така што ќе им угодат на другите, наместо да учат самостојно да проценуваат, да ги изразуваат своите потреби и да се борат за себе.

Џозеф Лаино, психолог и помошник-директор во центарот „Sunset Terrace“ при „NYU Langone“, објаснил дека децата кои хронично им угодуваат на другите се соочуваат со долгорочни ризици. Тоа може да доведе до ниска самодоверба, збунетост околу сопствениот идентитет и тешкотии во поставувањето здрави граници.

Ваквите деца често се потпираат на надворешна потврда, што може да поттикне анксиозност, стрес и постојан страв од неодобрување. Потиснувањето на сопствените потреби со време може да резултира со емоционална исцрпеност, огорченост и зголемен ризик од депресија. Како возрасни, би можеле да имаат проблеми со асертивноста и да станат поранливи во нездрави или еднострани врски, давајќи ѝ предност на добросостојбата на другите на сопствена штета, појаснил д-р Лаино.

Знаци дека вашето дете можеби се труди на сите да им угоди

Учтивоста и љубезноста се особини што родителите сакаат да ги поттикнуваат кај своите деца. Од друга страна, угодувањето на другите е помалку приспособливо и на крајот, не е во најдобар интерес на детето. Д-р Лаино објаснил дека ваквото однесување често е вкоренето во детската несигурност и стравот од губење на надворешната потврда.

„Можеби чувствуваат потреба да им угодат на другите за да добијат потврда што им ја зајакнува самодовербата“, рекол д-р Лаино. „Таквите деца може постојано да бараат охрабрување или одобрување и да поставуваат прашања како: ’Дали го правам ова правилно?‘, ’Дали е ова во ред?‘ или ’Дали сте лути на мене?‘“, објаснил тој.


Клучна карактеристика на ваквите деца е и тоа што им е тешко да одбијат и да постават граници, дури иако тоа значи дека мора да направат нешто што не сакаат. Често ги жртвуваат сопствените потреби заради оние од кои зависат за потврда. Често се извинуваат, дури и кога тоа не е потребно, тешко се заземаат за себе и обично ја преземаат улогата на следбеник во групните активности.

Според д-р Лаино, предупредувачки знаци се честото извинување, постојаното барање потврда, реткото изговарање на зборот „не“, преправањето дека нешто им се допаѓа само за да им угодат на другите, избегнувањето конфликти и преземањето повеќе обврски отколку што можат да поднесат од страв да не разочараат некого. Разликата е во тоа што овие деца не се обидуваат само да бидат љубезни, туку ги жртвуваат сопствените потреби заради некој друг, без разлика дали станува збор за врсник, наставник или родител.

Зошто некои деца стануваат луѓе кои им угодуваат на другите?

Иако не постои една единствена причина за ваквото однесување, експертите велат дека околината и воспитувањето играат голема улога. Кога децата растат во средини што нагласуваат совршенство, тие можат да почнат да се борат со исполнувањето на тие очекувања и да си поставуваат нереални стандарди. Ако околината е непредвидлива или нестабилна, некои деца учат дека секое несогласување може да биде опасно, па ги потиснуваат чувствата за да избегнат конфликт.

Тоа е особено изразено кај деца кои презеле родителска улога и растат во домови каде што родителите очекуваат децата да се грижат за нивните емоционални потреби.


„Угодувањето на другите може да започне кога децата ќе почувствуваат дека мора да бидат ’добри‘ за да бидат сакани“, рекла Вестбрук. „Можеби мислат дека со молчење или со помагање ќе ги направат среќни сите околу себе. Кај чувствителните деца, љубезноста може да им изгледа како единствен начин да се чувствуваат ценети, а таквото однесување може да продолжи и во зрелата возраст ако не се работи на него“, објаснила таа.

Однесувањето може да се пренесува и низ генерации. Иако не постои ген за угодување на другите, студиите покажале дека на услужливоста делумно влијаат гените, а траумите можат да создадат и епигенетски промени. Таквите деца се посклони кон чувствителност на туѓите чувства и можат да се обидуваат да им угодат на другите на сопствена штета.

Како да му помогнете на детето да постави здрави граници?

За децата кои имаат тенденција да им угодуваат на другите, учењето да поставуваат граници може да биде предизвик, но и вистинска пресвртница.

Д-р Лаино препорачува неколку стратегии. Бидете му пример на детето како на учтив, но одлучен начин да каже „не“. Вежбајте со него различни сценарија. Обрнете внимание и на тоа какво однесување наградувате. Наместо да го пофалувате само кога ќе направи нешто за некој друг, пофалете ги и неговата одлучност и способноста да се заземе за себе.


Потврдете му цел спектар на чувства и потсетете го дека е во ред да биде вознемирено и дека има безбеден простор за изразување. Кажете му дека не мора непотребно да се извинува. Потсетете го дека го сакате безусловно, такво какво што е, а не поради тоа колку ги прави другите среќни. Објаснете му дека сите грешиме и дека не мора да биде совршено за да заслужи љубов.

Кога да побарате стручна помош?

Секогаш е паметно да побарате стручен совет ако однесувањето на вашето дете му штети, негативно влијае на неговата самодоверба или ја зголемува анксиозноста. „Добар терапевт може да му помогне да изгради самодоверба, да постави граници и да научи дека не мора да ја заслужува љубовта со тоа што секогаш ќе вели ’да‘“, рекла Вестбрук.

Побарајте помош ако вашето дете им дозволува на другите да го малтретираат, ако ги потиснува емоциите, претерано се извинува, има постојан страв од грешка или презема вина за туѓи грешки. „Никогаш не е лошо да се побара стручна поддршка, иако често се грижиме дека претеруваме“, додал д-р Лаино. „Со тоа преземаме проактивен чекор за да им обезбедиме на нашите деца, но и на себе, поддршка и алатки потребни за поавтентичен, поискрен и поисполнет живот“, заклучил тој.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk