Новиот филм на Нетфликс „Thrash“, кој на глобално ниво се искачи на врвот на листата на најгледани, се најде на удар на критики од гледачите, кои тврдат дека станува збор за очигледна копија на филмот „Crawl“.
На страницата „Ротен томатос“, филмот има прилично лоши оценки – 41 отсто од критичарите и само 27 отсто од публиката. Гледачите на филмот на социјалните мрежи, особено на Редит, беа уште поостри.
Некои коментираа дека филмот делува како да го напишала вештачка интелигенција, додека други рекоа дека практично е ист како „Crawl“, само што алигаторите се заменети со ајкули.
Критиките особено се однесуваат на сличностите во приказната – ликови заробени во поплавени куќи за време на бура, обиди за преживување со качување на мебел или на покриви и криење од предатори во водата.

Додека „Crawl“ има значително подобра оцена (околу 84 отсто на Ротен томатос), многумина сметаат дека „Thrash“ не успеал да понуди ништо ново или оригинално.

Синопсисот на филмот гласи: Ураган од петта категорија погодува крајбрежен град, предизвикувајќи огромни поплави што на улиците донесуваат ајкули-бикови. Жителите, меѓу кои и бремената Лиса, агорафобичната Дакота и браќа и сестри од згрижувачки семејства, мора да ја преживеат заканата од ајкулите и бурата. Режисер на филмот е Томи Виркола.

Во филмот „Thrash“ главните улоги ги толкуваат Фиби Дајневор како Лиса, бремена жена која останува заробена за време на бурата, и Витни Пик во улогата на Дакота. Значајна улога има и Џимон Хонсу, кој го глуми докторот Дејл Едвардс.
Покрај нив, се појавуваат и Мет Нејбл, Ендрју Лис, Алила Браун, Ејми Метјус, Тајлер Копин и Чаи Хансен, кои заедно го сочинуваат остатокот од актерската екипа во оваа напната приказна за преживување.








