Лавров во Пекинг: Русија и Кина го зајакнуваат сојузот

Макфакс

15/04/2026

16:27

254

Големина на фонт

а а а

Русија е подготвена да го зголеми количеството енергија што ја извезува во Кина пред очекуваната посета на претседателот Владимир Путин, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на прес-конференција во Пекинг, според руските новински агенции.

Лавров изјави дека посетата на Путин ќе се одржи во првата половина од годината, додека весникот „Ведомости“, повикувајќи се на извори, објави дека таа би можела да се одржи во неделата по 18 мај.

По средбата со Лавров, кинескиот претседател Шји Џјинпинг изјави дека Кина е пријател на Русија и дека двете земји треба да ја зајакнат меѓусебната доверба, да ја продлабочат соработката и заедно да ги заштитат своите интереси.

„Русија, секако, може да го компензира недостатокот на ресурси со кои се соочуваат Кина и другите земји заинтересирани за соработка со нас на рамноправна и заемно корисна основа“, рече Лавров.

Тој додаде дека Русија и Кина имаат капацитет да ги избегнат, како што ги нарече, обидите на САД да ги нарушат глобалните енергетски пазари со конфликти на Блискиот Исток.

„Фала му на Бога, Кина и Русија ги имаат сите капацитети, вклучувајќи ги постојните, резервните и планираните, за да избегнат зависност од такви агресивни и ризични потези што ја поткопуваат светската економија“, рече Лавров.