Рафиња „удри“ по судиите, УЕФА му подготвува жестока казна

Макфакс

15/04/2026

13:07

713

Големина на фонт

а а а

По испаѓањето на Барселона од Атлетико во Мадрид, Рафиња остро го критикуваше судењето и предизвика голема бура во фудбалската јавност.

Иако не играше на „Метрополитано“, поради повреда, бразилскиот крилен напаѓач сепак даде изјава по натпреварот. Во интервју за бразилските медиуми, тој отворено изјави дека неговиот тим е оштетен:

„Ова беше грабеж, многу проблематично судење. Одлуките што ги донесоа беа неверојатни. Атлетико Мадрид направи не знам колку фаули и не доби ниту еден жолт картон. Сакам да го разберам тој страв од Барселона да продолжи понатаму“, рече Рафиња.

„Не сум некој што сака да зборува за судиите, но ова е навистина премногу. Момците играа совршено, но играчите на Атлетико направија милион прекршоци за кои главниот судија не им покажа жолт картон. Многу од тие прекршоци тој дури и не ги виде, само мавташе со рацете.

Каков проблем имаат судиите со Барселона? Дали се плашат од Барселона од некоја причина? Мораме да се трудиме три пати повеќе од нашите ривали во секој натпревар ако сакаме да победиме, и јасно е зошто. Зошто е проблем за Барса да продолжи понатаму, дали мора да крадете од нас во секој натпревар?“.

Во ред е да се случи еднаш или двапати, сите сме луѓе и сите правиме грешки, но ова веќе станува видлив шаблон. Бевме ограбени во овие два натпревари на срамен начин. Никој не може да ме убеди дека во два натпревари против Атлетико во Лигата на шампионите, вакви работи се случуваат со судијата сосема случајно.“

Неговите изјави брзо одекнаа низ цела Европа, а сè повеќе луѓе зборуваат за можната реакција на УЕФА.

Имено, според Дисциплинските прописи на УЕФА, ваквите изјави може да претставуваат прекршување на основните правила на однесување. Член 11 наведува дека секое „навредливо однесување или однесување што на кој било начин ги крши основните правила на пристојно однесување“, како и однесување „што му штети на угледот на фудбалот, а особено на УЕФА“, е казниво.

Во пракса, ова значи дека Рафиња би можел да биде суспендиран до три натпревари во Лигата на шампионите. Во тој случај, тој би ја отслужил казната на почетокот на следната сезона.

Сличен случај веќе постои, во кој е вклучен неговиот сонародник Нејмар, поранешен играч на Барселона. Во 2019 година, тој беше казнет за објави на социјалните мрежи по натпреварот ПСЖ-Манчестер Јунајтед, во кој исто така жестоко го критикуваше судењето.