Женска ракометна репрезентација на Македонија го заврши квалификацискиот циклус со пораз од Словенија со 18-27, но и покрај поразот обезбеди пласман на Европското првенство.
Македонските ракометарки успеаја да се најдат меѓу четирите најдобри третопласирани селекции, што им донесе билет за континенталниот шампионат.
Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски не успеаја да ѝ парираат на Словенија, која доминираше и со комбиниран состав. Домашниот тим беше рамноправен само во првите петнаесетина минути од второто полувреме, кога противникот влезе со ротации и помала минутажа.
Една од најсветлите точки во македонскиот состав беше голманката Андреа Илиќ, која забележа 13 интервенции и спречи уште поубедлив пораз, што на крај се покажа како клучно за пласманот.
Со овој успех, женската ракометна репрезентација на Македонија обезбеди настап на трето Европско првенство во низа, по учествата во 2022 и 2024 година.
Следното Европско првенство во ракомет за жени 2026 ќе се одржи од 3 до 20 декември во Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција.







