Вапсањето јајца за Велигден на многумина им е омилен дел од празничната атмосфера, особено на оние што уживаат во креативни техники и шарени комбинации.
Сепак, колку и да е забавен овој процес, воопшто не е пријатно кога ќе се најдете опкружени со тврдокорни дамки од боја, особено ако завршат на рацете, облеката, престилката или кујнските крпи што често ги користите.
Во вакви ситуации најважно е да реагирате навреме, бидејќи колку побрзо се третираат дамките, толку се поголеми шансите целосно да ги отстраните.

Ако ги примените следните совети, овој проблем ќе го решите многу полесно отколку што мислите.
Како да ја отстраните бојата од велигденски јајца од ткаенина?
Прво исплакнете ја дамката со ладна вода, но така што водата да оди од внатрешната страна на ткаенината, па дури потоа од надворешната страна. Внимавајте водата што ја носи бојата да не поминува преку други делови од материјалот за да не направи уште поголем проблем.
На извалканото место нанесете течен детергент за перење и оставете да делува неколку минути (околу 3 до 5), без триење во оваа фаза.
Потоа потопете ја ткаенината во млака вода и оставете ја да отстои околу 15 минути.
Исплакнете и проверете дали дамката исчезнала. Ако сè уште е видлива, продолжете со следните чекори.
На дамката ставете една лажица сода бикарбона и додадете неколку капки сок од лимон.
Подгответе мешавина од вода и оцет во размер 1:1, па постепено сипете ја врз дамката и нежно тријте со четкичка (може да послужи четкичка за заби или четка за перење). По извесно време ќе забележите дека бојата почнува да се повлекува.
На крај исплакнете со млака вода и исперете во машина на вообичаен начин.
Како да ја отстраните бојата од велигденски јајца од раце?
Постојат неколку проверени начини што можат да помогнат кожата да се исчисти од бојата за јајца.
Сода бикарбона и оцет
Најпрво исплакнете ги рацете под млаз топла вода и тријте ги додека не се измие поголемиот дел од бојата. По потреба користете крпа или сунѓер.
Сипете малку оцет во чинија, натопете чиста крпа и со неа истријте ги обоените места.
Постапката можеби ќе треба да ја повторите неколкупати додека не ги видите резултатите.
Ако трагите и понатаму останат, додадете малку сода бикарбона и втријте ја во кожата.
По потреба можете да ги комбинирате овие две состојки наизменично или да ги измешате директно на рацете, но задолжително добро исплакнете меѓу секој чекор.
Паста за заби
Нанесете мала количина паста за заби на местата каде што останала боја, со помош на четкичка.
Нежно тријте со движења напред-назад за да го разбиете пигментот.
Кога дамката ќе исчезне, избришете ги рацете со хартиена салфетка за да ги отстраните остатоците од пастата и бојата.
Сапун и топла вода
Потопете ги рацете во топла вода во која сте додале неколку капки сапун.
Тријте ги местата каде што има боја.
Во голем број случаи ова е сосема доволно, па најдобро е најпрво да се обидете со овој наједноставен метод пред да преминете на посилни средства.












